Овој месец, детскиот фестивал „Златно славејче“, кој е организиран од Советот за грижи и воспитување деца на Град Скопје, го одбележува своето 55. јубилејно издание. Првиот концерт во Македонскиот народен театар се одржа на 15 ноември, додека вториот е в сабота.

Тој е најстариот детски музички фестивал на Балканот и втор најстар во Европа. Низ него минаа над 10.000 деца (како солисти или како членови на хорот) и беа изведени над илјада композиции. Од него произлегоа познати музички имиња како: Тоше Проески, Калиопи, Влатко Илиевски, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Давид Темелков, Маја Гроздановска-Панчева… а меѓу нив се и две гевгелиски деца – Тодор Попов и Весна Бучкова, кои се истакнаа со песните „За сите деца“ и „Дувна ветре развигорче“, кои се пеат и ден-денес.
На третото издание на овој реномиран фестивал, во далечната 1973 година, организаторите побарале од повеќе познати и признати учители по музичко воспитание од училиштата во целата држава да испратат по една композиција од ученик што има талент за пеење. Тогашниот наставник по музичко воспитување во ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, Александар Попов, испратил песна, а меѓу 24. изведувачи избрани за фестивалот се нашол и Тодор, тогаш ученик во петто одделение, инаку внук на Александар.
Бидејќи тогаш така бил редот – примените песни на фестивалот биле доделувани според гласовните можности на дечињата, организаторот му ја доделил на Тодор Попов да ја испее песната на Александар Џамбазов „За сите деца“, на текст на Васил Пујовски. Песната тогаш не освоила награда, но подоцна биле препознаени нејзините квалитети и таа станала неофицијална химна на сите подоцнежни фестивали „Златно славејче“, песна со која се отворал и затворал фестивалот.
Инаку, приказната за Тодор Петров, иако е исполнета со многу музика и песна, за жал, нема среќен крај. По настапот на фестивалот, Тодор го завршил основното училиште „Крсте Мисирков“ и се запишал во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во својот роден град, Гевгелија. Бидејќи голем дел од неговата поширока фамилија се занимавал со музика, тој самоиницијативно почнал да учи да свири на сите жичени инструменти, меѓу нив и на гитара, која станала негов омилен инструмент со кој ги забавувал своите врсници на тогашните седенки. По завршувањето на гимназијата, се запишал на Економскиот факултет, а паралелно со тоа, членувал во еден од најстарите староградски ансамбли во Македонија – „Распеани гевгеличани“, каде што свирел на бас-прим.
Весна Бучкова ги сподели за весникот ВЕЧЕР импресиите од својот настап во 1975 година. Нејзиниот настап на петтото издание на детскиот фестивал бил со композицијата „Дувна ветре развигорче“ и таа го освоила второто место.
– Во таа 1975 година, имав 11 години и бев ученичка во основното училиште „Ристо Шуклев“ во населеното место Негорци крај Гевгелија. Мојот учител по музичко воспитание, Атанас Какров, еден ден ми соопшти дека во училиштето ќе дојдат музичари од Скопје и дека негов предлог е токму јас да се претставам пред гостите и евентуално, ако бидат задоволни, да бидам учесник на фестивалот „Златно славејче 1975“. Јас со возбуда го очекував денот кога ќе се појавам пред гостите од Скопје. Набргу, во нашето училиште пристигна Александар Џамбазов со своите колеги и јас испеав неколку песни пред нив, како на аудиција. Тие беа задоволни и по некое време ни се јавија за да ни кажат дека сум избрана да учествувам на детскиот фестивал со песната што носеше наслов „Дувна ветре развигорче“. Песната многу ми се допадна и јас ја подготвував целото тоа лето, заедно со мојот наставник, а пред самиот фестивал, имав еднонеделни подготовки во Струга, со другите учеснички – се сеќава Весна.
Таа опишува дека тогаш, во Универзалната сала во Скопје, водител на фестивалот бил Зафир Хаџиманов и иако се пеело во живо, со оркестар, како што вели, немала никаква трема.
– Беа исполнети 16 композиции и на крајот јас со „Дувни ветре развигорче“ ја освоив втората награда. Познатиот Ѓорги Смокварски, во весникот „Нова Македонија“, за песната напиша: „Сè се одвива течно, певливо и природно, со вонредна поетско-музичка хармоничност“. Како награда добив диплома за учество, плакета за освоеното второ место и книги за деца. Песната потоа стана голем хит и остана да се пее меѓу децата до ден-денес. Што се однесува до мене и мојата музичка „кариера“, јас се занимавав со музика до мојата 20. година. Сега сум среќна пензионерка и слушам како пеат некои нови деца – евоцира спомени Весна.
(Љ. А.)












