Присуството на жива и сребро во одводниот канал кај Таор повторно ја алармира јавноста за хроничното загадување на водните текови во земјава. Надлежните потврдуваат дека каналот собира непречистени отпадни води од четири општини, додека експертите предупредуваат дека без системско решение и изградба на пречистителна станица, ваквите инциденти ќе продолжат со сериозни последици за здравјето и за животната средина

 

Отпадните води од општините Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец директно се слеваат во одводниот канал кај селото Таор, кој, поради отсуство на пречистителна станица за третман на отпадните води, претставува сериозен еколошки ризик. Ова го посочува генералниот инспектор во Државниот инспекторат за животна средина, Дарко Блинков, коментирајќи ги резултатите од анализите што покажаа присуство на жива и сребро во водата.

Според Блинков, каналот претставува крајна точка каде што завршуваат различни видови отпадни води – и комунални и индустриски, што го објаснува присуството на повеќе загадувачки материи.

– Во овој канал се слеваат сите отпадни води од Гази Баба, Илинден, Арачиново и од Петровец. Резултатите од Институтот за јавно здравје покажаа присуство на колиформни бактерии, што е директна последица на непречистените канализациски води од овие населени места. Среброто и живата, пак, најверојатно, потекнуваат од прскање со хемиски препарати – вели Блинков за весникот ВЕЧЕР.

Тој објаснува дека белата пена, која ја вознемири јавноста на 21 ноември лани, најверојатно, нема директна поврзаност со тешките метали, туку со истекувањето детергенти од друг извор.

– Пената во водата ја поврзавме со пукната цевка од сервис за миење во Автокоманда. Станува збор за систем на цевки што по неколку дена ја носи водата до овој канал, па токму затоа и појавата беше одложена – појаснува Блинков.

Присуството на жива и сребро во водата беше утврдено по анализите на Институтот за јавно здравје, кои беа направени по барање на АД „Водостопанство“. Примероците беа земени од површинската вода во каналот кај Таор, од каде што извираше белата пена на 21 ноември. Инцидентот бил регистриран веднаш по активирањето на пумпите за отпадни води од системот на Скопско Поле, при што, како што информираше Државниот инспекторат за животна средина, визуелно било утврдено можно сериозно хемиско загадување, кое потенцијално може да се влее и во реката Вардар.

Блинков потенцира дека клучниот проблем е системски и долгорочен.

– За жал, Скопје сè уште нема пречистителна станица за третман на отпаднитњ води и додека е така, вакви инциденти ќе се повторуваат. Сè што се испушта во канализацијата, без филтрација, завршува во овие канали и реки – предупредува тој.

Од Институтот за јавно здравје најавија и дополнителни испитувања на рибниот фонд во каналот, со цел да се утврди дали постои контаминација и во живиот свет. Сепак, Блинков смета дека ризикот за граѓаните е ограничен.

– Не верувам дека некој лови или користи риби од овој канал, но тоа не значи дека не е сериозен проблемот и дека треба да се игнорира – заклучува генералниот инспектор.

Откривањето на присуство на жива и сребро во водата на каналот кај селото Таор, каде што неодамна беше забележана и бела пена, повторно го отвора прашањето за хроничното и неконтролирано загадување на водните текови во земјава. Иако институциите најавуваат испитувања и утврдување одговорност, ваквите случаи сè почесто стануваат правило, а не исклучок.

Присуството на тешки метали како жива во водата претставува сериозна опасност за здравјето на луѓето и за животната средина. Живата е исклучително токсична и се акумулира во организмите, особено во рибите и во земјоделските култури, што директно ја загрозува безбедноста на храната. Среброто, иако во помали концентрации, се смета за помалку опасно, во комбинација со други загадувачи може да има долгорочни, штетни ефекти врз екосистемите.

Случајот кај Таор не е изолиран инцидент. Во изминатите години јавноста беше сведок на низа еколошки афери: загадени реки, канали со неидентификувани хемиски материи, помор на риби и непријатни мириси, кои со денови ги вознемируваат локалните жители. Заедничко за сите овие случаи е фактот што реакциите на надлежните институции најчесто доаѓаат откако веќе е направено загадувањето, а превентивните механизми речиси и да не функционираат.

Белата пена, која извираше од каналот кај Таор, дополнително ја засили загриженоста кај жителите, кои со години предупредуваат дека водата во овој дел е сомнителна и небезбедна. Според еколошките експерти, појавата на пена најчесто укажува на присуство на индустриски отпадни води, детергенти или хемиски соединенија што не смеат да завршат во природните водотеци.

Екоактивистите постојано предупредуваат дека ваквото загадување е последица на долгогодишна негрижа, слаба контрола и неказнивост.

– Често завршуваат од индустриски капацитети, диви испусти и недоволно прочистени отпадни води во каналите и во реките, без соодветен мониторинг и санкции. Наместо систем за рано предупредување и редовни контроли, државата реагира ад хок – со земање примероци и со соопштување дека „се работи на случајот“ – велат тие.

Дополнителен проблем, според нив, е недоволната транспарентност. Резултатите од анализите често доцнат или се соопштуваат делумно, без јасно наведување на изворот на загадувањето и без конкретни информации за преземените мерки.

Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат да живеат во близина на потенцијално опасни водни текови, без гаранција дека водата, почвата и воздухот се безбедни. Еколошките организации предупредуваат дека доколку продолжи ваквата практика, последиците ќе бидат долгорочни и тешко поправливи.

– Загадувањето на водите не е само локален проблем – тоа се пренесува низ целиот екосистем, ги загрозува земјоделските површини и ја нарушува биолошката рамнотежа – укажуваат екоактивистите.

Случајот со каналот кај Таор уште еднаш покажува дека загадувањето во земјава не е инцидент, туку континуиран процес што бара системско решение. Без засилен инспекциски надзор, строги казни за загадувачите и јавна отчетност, ваквите вести ќе продолжат да се повторуваат, со сè поголеми последици за животната средина и за здравјето на граѓаните.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ