Наместо да го зголемува производството на електрична енергија, Македонија и натаму ги задоволува потребите од увоз. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 65 % од вкупната енергија во 2024 година била увозна. Енергетските експерти сметаат дека само во последниве неколку години е увезена електрична енергија колку што чини ХЕЦ „Чебрен“, на пример, во 2022 година државата потрошила околу 400 милиони евра за увоз на електрична енергија, а за шест месеци годинава е увезена струја во вредност од околу 200 милиони евра. Сега, државата нема потпора „да застане на свои нозе“ на полето на енергетиката, бидејќи нема (доволно) свое базно производство на електрична енергија

Потрошувачката на електрична енергија постојано се зголемува поради сè поголемите потреби, како што се: зголемувањето на бројот на топлински пумпи за загревање на домовите и на јавните објекти, полнењето на сè поголемиот број електрични возила, планирањето на потребите за вештачка интелигенција, односно за центрите за податоци и друго. Овие трендови ги има речиси во сите земји во светот, па и кај нас.

И наместо да го зголемува производството на електрична енергија, Македонија и натаму ги задоволува потребите од увоз. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 65 % од вкупната енергија во 2024 година била увозна. Наспроти тоа, домашното базно производство е намалено за 10,6 % во однос на 2023 година, при што намалување од 20,9 % има кај термоцентралите што работат на јаглен и 16 % кај хидроенергијата од хидроелектраните, додека забележан е пораст од 140 % кај соларната енергија.

Со тоа што им ги продолжи концесиите на рудниците на јаглен (на „Суводол“ на 15, а на „Брод-Гнеотино на 20 години), Македонија и натаму ќе се потпира на „нечистата“ електрична енергија што се добива од термоцентралите. Лани пропадна четиринаесеттиот обид за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, со која би се зголемил хидропотенцијалот. И натаму се форсира природниот гас преку изградбата на интерконекторите со Грција и со Србија и најавите за изградба на когенеративни гасни централи.

И покрај порастот на ветерните и на фотоволтаичните паркови што произведуваат „чиста“ енергија, сепак, со темпото со кое се зголемија капацитетите од обновливи извори, земјава ќе заостанува зад европските стандарди за намалување на емисиите на стакленички гасови и ќе се соочи со можни санкции и со губење средства од европските фондови ако не обезбеди значително зголемување на капацитетите од обновливи извори.

Кои се можностите на Македонија?

Тоа се можностите со кои во моментов располага Македонија, додека денес, во светот, се одвива енергетска транзиција, при што фосилните горива (јаглен, нафта и природен гас) се исфрлаат од употреба, а се оди на користење на обновливи извори на енергија (најмногу сонце и ветер, хидроенергија за производство на електрична енергија). Овој процес се нарекува декарбонизација поради елиминирање на емисиите на јаглерод диоксид (СО2) од согорување на фосилните горива, а енергетската транзиција се нарекува и електрификација.

Заложбите на Владата се Македонија од увозник да ја направи извозник на енергија. Што треба да се направи на тој пат, министерката за енергетика, Сања Божиновска, на Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (ИФЕСД-14), кој неделава се одржа во Скопје, рече дека треба да се направи диверзификација на изворите на енергија за да може во секое време да се има функционално решение за нашиот енергетски систем, кој во услови на глобална неизвесност треба да се приспособи и да продолжи да функционира.

– Во оваа нова ера, технологијата и вештачката интелигенција се наш сојузник, а не закана. Тие може да помогнат да ја предвидиме побарувачката, да ја оптимизираме потрошувачката и да ја подобриме достапноста на енергијата. Но, енергијата мора да ја користиме паметно, со фокус на луѓето, не само на машините – рече Божиновска.

Од Владата постојано нагласуваат дека енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија. Премиерот Христијан Мицкоски, на отворањето на енергетскиот форум, потенцираше дека енергетската стабилност не е веќе само економско туку и безбедносно прашање.

– Изградивме енергетски интерконектори со соседните земји. Започнавме програми за енергетска ефикасност во јавниот и во приватниот сектор. Се поставуваат соларни и ветерни паркови, кои пред само една деценија беа визија на хартија. Сега, тие се реалност, дел од мрежата што ја храни иднината. Паралелно, инвестираме во човечки капитал, затоа што знаеме дека енергијата не доаѓа само од природата туку и од луѓето, кои ја создаваат, иновираат и сонуваат – посочи Мицкоски.

Грешки во чекори во енергетиката

Во енергетиката во Македонија се направени „грешки во чекори“ во приоритетите за инвестиции, а тоа скапо го плаќаме сите, смета професорот на Машинскиот факултет, Ристо Цицонков. Тој честопати ја обработува темата за енергетиката во своите колумни. Цицонков посочува дека државата треба да им даде приоритет на изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ и на најмалку една когенеративна гасна централа, а подоцна да се градат автопати и брзи пруги.

– Пред неколку месеци, беше потпишано стратешко партнерство на РМ со ОК, кое ќе овозможи силна економска соработка меѓу двете влади, со инвестициски циклус од околу шест милијарди евра во инфраструктурата, здравството, енергетиката итн. Беше објавено дека во таа рамка ќе се инвестира во изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, како и во изградба на болници. Се спомена износ од околу две милијарди евра. Очекував Владата да објави и реално да почне да ја гради ХЕЦ „Чебрен“, бидејќи немаме базно производство на електрична енергија, а има и многу други причини за тоа како што се водоснабдувањето, наводнувањето во земјоделството и адаптацијата кон климатските промени. Исто така, очекував државата веднаш да гради сопствена гасна когенеративна централа, а не да склучува договор да го прави тоа странски инвеститор („Казанџи груп“), кој ќе ја продава електричната енергија на отворен пазар – вели Цицонков.

Само во последниве неколку години е увезена електрична енергија колку што чини ХЕЦ „Чебрен“, на пример, во 2022 година државата потрошила околу 400 милиони евра за увоз на електрична енергија, а за шест месеци годинава е увезена струја во вредност од околу 200 милиони евра. Според Цицонков, сега државата нема потпора „да застане на свои нозе“ на полето на енергетиката, бидејќи нема (доволно) свое базно производство на електрична енергија.

– Во последниве неколку години, има масовна изградба на фотоелектрични централи, што делумно ја ублажи енергетската криза кај нас, особено поради лошата состојба со термоцентралите во РЕК „Битола“. Во земјава имаме и извесно производство на електрична енергија со ветерници, но тоа е релативно мало во вкупниот биланс. И покрај изградбата на голем број фотоелектрични централи, државата има голем проблем во снабдувањето со електрична енергија, бидејќи фотоцентралите и ветерниците произведуваат само кога има сонце и ветер, а капацитетите за складирање се многу мали – нагласува Цицонков во своите колумни.

Сопственото производство – безбедно снабдување

Енергетскиот експерт Константин Димитров е согласен дека Македонија мора да работи на диверзификација на изворите на енергија, односно да се снабдува од повеќе извори.

– На пример, гасот го добиваме преку Бугарија, но го градиме и интерконекторот со Грција, а уште поважно е што ќе градиме и гасоводна цевка и ќе се поврземе и со Србија. Кај течните горива, имаме сигурни снабдувачи во домашни компании, а кај производството на електрична енергија, веќе не зависиме од јагленот, туку тука се фотоволтаиците и ветерните паркови. Кога ќе имаме повеќе пари, би требало да изградиме брана, дали на реката Вардар или тоа ќе биде „Чебрен“, зависи од политиките на Владата. Како и да е, мораме да имаме базна енергија кога ќе нема сонце и ветар и во таа насока е и изградбата на гасни централи – вели Димитров.

Тој смета дека не смее државата да се потпира на приватни инвеститори на енергетски капацитети на обновливи извори и треба да обезбеди сопственото производство.

– Ако нема профит, приватникот ќе си замине. Затоа мора општините да ја намалат потрошувачката на струја со поставување фотоволтаици на училиштата, градинките. Тоа го дозволува Законот за енергетика. Значи, мораме сами да произведуваме за да обезбедиме безбедно снабдување со електрична енергија – вели Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Енергетските и климатските цели мора да се усогласени

Експерти посочуваат за весникот ВЕЧЕР дека енергетската транзиција во Македонија започнала, дека новиот Закон за енергетика ја подржува транзицијата, но дека енергетските и климатските цели мора да бидат усогласени.

– Земјата мора да се префрли од енергетски систем, кој е во голема мера зависен од јагленот, кон систем што вклучува повеќе обновливи извори на енергија. Предлозите како што се отворање нови рудници за јаглен, како „Живојно“, или продолжување на животниот век на постојните дополнително ја прават земјата зависна од јаглен и ги пренасочуваат ресурсите, кои може да бидат искористени за почисти алтернативи. Плановите за изградба на гасни централи што ќе ги заменат електраните на јаглен значат замена на едно фосилно гориво со друго. Доколку Македонија ја изгради целосната гасна инфраструктура што е планирана и ја користи интензивно во текот на 2030-тите, националните емисии на јаглерод диоксид значително ќе се зголемат, што е спротивно на целите за климатска неутралност на земјата. Фокусот мора да е ставен на обезбедување правична енергетска транзиција и мобилизирање финансии за регионите зависни од јаглен – Битола и Кичево – изјави за весникот ВЕЧЕР Елена Николовска, програмски координатор за клима во „Еко-свест“.

Цената на струјата на МЕМО-берзата пониска за 5 евра 

Просечната цена на струјата на берзата Хупекс вчера изнесуваше 132,10 евра за мегават-час, а на Македонската берза за електрична енергија МЕМО – 126,95 евра за мегават- час.

Цената на природниот гас, пак, на унгарската берза Cееgx изнесуваше 34,80 евра, додека според индексот на холандската берза, ТТФ Дач, цената е 31,20 евра.

Информациите за движењето на цената на електричната енергија и на природниот гас може да помогнат за попрецизно планирање на буџетите за потрошувачката на електрична енергија, да се заштеди на сметките за струја, како и компаниите да носат информирани деловни одлуки со кои ќе ги намалат своите трошоци и поуспешно ќе ги реализираат своите бизнис-планови.

Нема одлагање за плаќање на карбон-таксата

Владите на земјите од Западен Балкан се надеваат дека по Нова година ќе бидат изземени од обврската да плаќаат такса за произведената електрична енергија и производи од „нечиста“ енергија, како што се јагленот и нафтата, при извоз во Европската Унија. Тоа, според извештајот на ЦЕЕ Банквоч нетворк, е сериозна закана за економиите на земјите од Западен Балкан.

– Нема да има одлагање, ниту, пак, некоја земја е блиску до изземање од обврските. Време е да престанат да сонуваат и да почнат да дејствуваат – изјави Јоана Ќута од ЦЕЕ Банквоч нетворк.

Пипа Галап од таа организација смета дека Механизмот за приспособување на јаглеродот на границите (CBAM) може да биде поттик за владите, конечно, да започнат со вистинска енергетска транзиција.

– Приходите од CBAM ќе одат директно во буџетот на ЕУ. Ако остане извозот на струја на сегашното ниво, ЕУ би можела да инкасира речиси 1 милијарда евра годишно, додека земјите од Балканот нема да добијат ништо. Регионите што зависат од јаглен не смеат да бидат заборавени. Мора да се создадат нови економски можности, но засега ниту владите ниту ЕУ издвојуваат средства за тоа. Тоа мора да се промени – вели Галап.

Продолжен векот на експлоатација на рудниците за јаглен

Владата им ги продолжи концесиите на рудниците за јаглен (на „Суводол“ на 15, а на „Брод-Гнеотино на 20 години), кои им истекоа на 7 октомври 2025 година. Овие два рудника се единствените активни во земјава од каде што се снабдуваат термоцентралите со јаглен за работа. Во план е отворање и на трет рудник – „Живојно“, за што РЕК „Битола“ има концесија за експлоатација издадена во 2002 година, со важност до 2032 година.

Ова зборува дека термоцентралите нема во скоро време да стават клуч на врата, а Македонија нема да може до 2030 година да ги исполни обврските за декарбонизација. Тоа беше нотирано и во неодамнешниот ревизорски извештај.

(С.Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ