Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објасни дека станува збор за модерен, адаптациски и иновативен систем што во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе го намали метежот и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје.

– Наместо однапред фиксно поставени интервали, системот во реално време ги анализира метежот и интензитетот на сообраќај и соодветно го приспособува протокот на возила. Ова значи порамномерно движење низ градот, значително намалување на застојот, пократко време на чекање на раскрсниците и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, како за возачите така и за пешаците – нагласуваат градските власти

 

Скопјани се  жалат дека зелениот бран што функционира во моментот во градот не е усогласен.

Додека на едниот семафор се вклучило зеленото светло, на  наредниот или на оној потоа веќе е црвено, реагираат граѓаните и забележуваат дека наместо да има поголем проток на сообраќајот, тој се забавува.

Исто така, побавно се стигнува и со автобусите на ЈСП. Жителка на Аеродром вели дека автобуските линии што поминуваат низ оваа населба по булеварите „Видое Смилевски-Бато“, „Јане Сандански“ и  „Кузман Јосифовски-Питу“ се соочуваат со проблем и не успеваат да го фатат зелениот бран.

– Имено, помеѓу два семафори има автобуска постојка на која застануваат автобусите и кога одат до следниот семафор, им се појавува црвено светло. Од крајната автобуска станица во Ново Личиче до Железничка станица има 12 семафори и 10 автобуски постојки, што значи дека автобусот застанува 22 пати – констатира таа.       

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, Град Скопје ќе воведе паметен зелен бран: модерен, адаптациски и иновативен систем што во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе го намали метежот и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје.

Ова следува по координативниот состанок со министерот за внатрешни работ,и Панче Тошковски, и со стручни тимови од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјално пуштање во функција на системот „Безбеден град“. 

Ѓорѓиевски истакна дека во наредниот период, Советот на Град Скопје ќе донесе низа важни одлуки поврзани со дистрибуцијата, особено во централното градско подрачје.

– Овие мерки ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните – нагласи тој.

Од Град Скопје појаснија дека паметниот зелен бран претставува современ, адаптациски сообраќаен систем што функционира врз основа на интелигентно управување со времето на семафорите и автоматско препознавање на сообраќајното оптоварување.

– Наместо однапред фиксно поставени интервали, системот во реално време ги анализира метежот и интензитетот на сообраќајот и соодветно го приспособува протокот на возила. Ова значи порамномерно движење низ градот, значително намалување на застојот, пократко време на чекање на раскрсниците и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, како за возачите така и за пешаците – нагласуваат градските власти.

Тие додаваат дека станува збор за иновативно и модерно решение што веќе се применува во бројни европски метрополи, а со неговото воведување, Скопје прави голем чекор кон паметен град со ефикасен, организиран и безбеден сообраќај.

Од Секторот за сообраќај додадоа дека постои ваков систем од 2014 година, по пуштањето во употреба на Центарот за контрола и управување на сообраќајот, но оти на состанокот било договорено тој да се надгради и доправи.

– Засега се опфатени 90 крстосници. Договорено е да бидат опфатени уште петнаесетина, така што бројот да стигне до 140-150 крстосници до крајот на мандатот на скопскиот градоначалник. На тој начин ќе се постигне поголем проток на сообраќајот – наведоа од Секторот за сообраќај во Град Скопје.   

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ