Директорот на НУ ДТС, Роберт Вељановски, во рамките на драмската дејност, покрај „Ова е само крајот на светот“, предложи уште пет претстави што премиерно ќе бидат изведени во текот на годинава. Меѓу нив е и проектот „Мачкина глава“ од авторот Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, кој ќе се реализира со буџет во износ од 1.800.000 денари, а премиерата е планирана во рамките на централната прослава за годишнината, која ќе биде организирана во април
Со претставата „Ова е само крајот на светот“ од авторот Жан-Лик Лагарс, во режија на Теа Беговска, за која е планиран буџет од 720.000 денари, стартуваат премиерите на Драмски театар Скопје за 2026 година. Оттаму посочуваат дека е во план, со обезбедениот буџет од 6.720.000 денари годинава, кога се одбележува 80-годишнината на Театарот, да бидат продуцирани шест претстави.
– Средствата ќе бидат распределени крајно балансирано и одговорно, во согласност со неопходните естетски критериуми што мора да соодветствуваат на нивото и на реномето на Драмски театар – велат од Драмски.
Инаку, „Ова е само крајот на светот“ е претстава за семејството како најинтензивен простор на љубов и судир, за моментите кога сакаме да кажеме сè, а изговараме премалку и за оние средби што изгледаат обично – додека не сфатиме дека ништо повеќе нема да биде исто.
Директорот на НУ ДТС, Роберт Вељановски, во рамките на драмската дејност, покрај „Ова е само крајот на светот“, го предложи и проектот „Мачкина глава“ од авторот Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Оваа претстава ќе се реализира со буџет во износ од 1.800.000 денари, а премиерата е планирана во рамките на централната прослава за годишнината, која ќе биде организирана во април.
Исто толку средства се предвидени и за претставата „Федра“ од авторот Расин /„Љубовта на Федра“ од Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ. Нејзината премиера е планирана за во јули, а ќе се одигра во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Една од претставите за 2026 година е и „Алиса се враќа дома“ од авторката Ивана Смилевска, во режија на Моника Ставревска. Тоа ќе биде четвртата премиера во продукција на Драмски театар, а планирана е за новата сезона во септември, за што се издвоени 600.000 денари.
Претставата „Трите сестри во Москва“ од авторот Владимир Талевски, во режија на Јани Бојаџи, ќе се реализира во рамките на предвидените 900.000 денари. Со премиерната изведба во октомври, ќе биде отворен македонскиот фестивал „РУТА Скопје“. Шестата и последна премиера со поддршка на Министерството за култура и туризам е „Рекет“, по текст и во режија на Коле Ангеловски и за која, исто така, се предвидени 900.000 денари.
Во делот организација на манифестации, поддршка од Министерството за култура и туризам годинава ќе има и за петтото издание на фестивалот РУТА на Регионалната унија на театри, кое ќе се одржува во Драмски театар, од 26 до 31 октомври, со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари.
Во делот на меѓународната соработка, на располагање се средства во висина од 2 милиони денари. Таа ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски на фестивалите РУТА во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград и во Подгорица, како и гостувањето во Република Јужна Кореја, за кое е планиран износ од 400.000 денари.
– За издавачката дејност на Драмски театар, Министерството го поддржува објавувањето на „Театарски гласник“, како најзначајна годишна публикација што ги сублимира севкупната продукција на националните театри и драмската програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За „Театарски гласник“ се планирани 150.000 денари, а годинава издавачката дејност на Театарот ќе биде збогатена со нова монографија на НУ ДТС, која ќе биде објавена за 80-годишнината на Театарот. За монографијата е планиран буџет во износ од 350.000 денари – велат од Драмски.
Инаку, програмата за работа за 2026 година ја донесе Управниот одбор на националната установа Драмски театар, по што ќе биде склучен договор со Министерството за култура и туризам за финансирање на годишната програма за работа на установата. (Д. Т.)












