Законот за минерални суровини наскоро ќе замине во историјата. Се очекува да биде заменет од законот за рударство и од законот за геологија. Нацрт-текстовите на новите законски решенија веќе се наоѓаат на јавен увид и се целосно усогласени со европската регулатива. Од новите закони поголеми економски придобивки ќе има и државата, зашто се зголемуваат таксите и рударските надоместоци, а воедно се поттикнуваат рударството и одржливите инвестиции. Дополнително, се очекува и засилена борба против „дивите рудници“ и нелегалната експлоатација на минерални суровини.
Една од најголемите новини е усогласувањето со директивите на Европската Унија, кои се однесуваат на критичните минерални суровини и т.н. стратешки проекти во рударството. Директивата на ЕУ цели кон енергетска независност на Унијата од трети земји, особено за минерали како што се литиумот, бакарот, кобалтот и други минерали што се неопходни за исполнување на целите од зелената агенда. Односно за снабдување со критични материјали без кои не би можело да се градат ветерници, електрични возила и, генерално, да се создава зелена енергија, а за што ЕУ во најголема мера зависи од Кина и од САД. Согласно со новото законско решение кај нас, пристапот до стратешките минерални суровини е од суштинско значење за економијата на државата.
– Стратешките минерални суровини се сметаат за критични поради нивната голема економска важност и нивната изложеност на голем ризик за снабдување, често предизвикан од високата концентрација на понуда од неколку трети земји. Со оглед на клучната улога на многу вакви критични суровини во реализацијата на зелените и на дигиталните транзиции и во светлината на нивната употреба за одбранбена и за воздушна намена, побарувачката, веројатно, ќе се зголеми експоненцијално во наредните децении. Во исто време, се зголемува ризикот од прекини во снабдувањето, во заднина на зголемените геополитички тензии и конкуренцијата во ресурсите – се наведува во нацрт-законот за рударство.
За оваа цел, со новото законско решение македонските власти, исто така, се обврзуваат да изработат листа со стратешки минерални суровини и листа со критични минерални суровини, кои Владата ќе може да ги ажурира на секои три години.
– Листата со стратешки минерални суровини ќе вклучува од проценети суровини, суровини што се меѓу највисоките во однос на стратешкото значење, предвидениот раст на побарувачката и тешкотијата за зголемување на производството – се истакнува во новиот нацрт-текст.
По чекорите на Европската Унија, и Македонија ќе се приклучи кон идејата за т.н. стратешки проекти. Брисел годинава веќе утврди 47 стратешки проекти, односно голем број рудници, во 13 земји членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија, за ископ на критични минерални суровини и за нив се предвидени забрзани процедури за дозволи. Со новите решенија кај нас, се изготвуваат критериуми за препознавање на стратешките проекти, но ќе се формира и комисија што ќе постапува за барањата, а во фокусот ќе биде заштитата на животната средина.
Според листата со критични минерални суровини, која ја изготви Европската Унија, според геолошките истражувања, Македонија најмногу може да се пофали со бакар, но инвестициите најчесто се соочуваат со низа бариери. Па така, остана нереализирана инвестицијата за рудникот за бакар во Казандол, на англиско-украинскиот конзорциум „Сардич“, кој неофицијално веќе го има добиено спорот против Македонија во меѓународна арбитража. Претходно не се оствари ниту проектот за рудник за бакар на Кожуф, на канадската фирма „Резервоар минералс“. Засега единствено тапка во место инвестицијата на „Еуромакс ресоурцес“ во проектот за рудник за бакар во Иловица.