Големо враќање на легендарниот рок-бенд! Во тој емотивен процес настанаа речиси сите тие 12 нови песни, кои се напишани за овие три години. Секако, нив ги потпишува фронтменот Хус, меѓу кои најзабележителни се: „Мојата глава, моите правила“, „Сега кога знаеш“ и „Богатите ќе побегнат на Марс“. Промоции на албумот ќе има и во живо, на голем број концерти, меѓу кои и во Скопје. Момците велат, ништо без Скопје и без Македонија. Спомените откај нас им се најмили, најмногу поради Аки Рахимовски
Деновиве, легендарната рок-група „Парни ваљак“, по подолга пауза, гламурозно се враќа на музичката сцена. Секако, со својот нов пејач, Игор Дрвенкар, кој доаѓа на местото на славниот и никогаш прежалениот, нашиот Аки Рахимовски.
Во овој период, рок-бендот, кој е обожаван од Вардар до Триглав и од Ѓердап до Сплит, го одбележува јубилејот – 50 години музичка активност. „Парни ваљак“ е основан во далечната 1975 година во Загреб, во она златното време на најдобрите југословенски рок-бендови кои се раѓаа како „печурки по дождот“: „Корни група“, „Леб и сол“, „Бијело дугме“, „Индекси“, „Зијан“, „Атомско склониште“, „Зана“, „Смак“, „Идоли“, „Прљаво казалиште“…. „Парни ваљак“ со децении е синоним за извонреден рок со енергични настапи и со песни кои обележале генерации, а стиховите на безвременските хитови како „Страница дневника“, „Јесен у мени царује“, „Угаси ме“, „Заставе“, „Куку љето“… засекогаш останаа како евергрини во музичката рок-антологија.
„Парни ваљак“ сега оди понатаму. Го објавува својот нов студиски албум со мошне интересен наслов „Велат, пчелите умираат“ („Kažu pčele umiru…“). Промоција на албумот ќе има и во живо, на голем број концерти, меѓу кои и во Скопје. Момците велат, ништо без Скопје и Македонија. Кај нас им се најмили спомените, најмногу поради Аки Рахимовски!
Всушност, насловот на албумот е преземен од претходно објавениот сингл „Ќе пуштам глас“, кој Хусеин Хасанефендиќ-Хус, автор на сите песни, го опишува како свој одговор на новото време во кое живееме: – Ми се чини дека не се сфаќа доволно сериозно сè што ни се случува на секое поле од животот. Периодот во кој живееме ја има таа тематика, но секако дека целиот албум не е обоен со таа содржина. Иако ова е првиот албум создаден без генијалниот Аки, неговиот дух впечатливо се „провлекува“ и низ овие најнови песни.
Тие песни се создаваа во работилницата на Хус со една посебна енергија. За тоа зборува и самиот автор, фронтменот на „Парни ваљак“: – Постојано во мислите ми беше Аки. Тие песни што требаше тој да ги пее, за кои постојат демо снимки со него, придонесоа да влезам во една многу тешка емотивна состојба. Затоа е разбирливо во сите тие песни да има по некоја реченица што е насочена кон Аки или има некаква врска со него. Тој ми беше и пријател и брат, со кој споделив 46 години од животот. Но и со сета почит кон Игор, кој е новиот пејач на „Парни ваљак“. Игор е фантастичен тип. Имавме огромна среќа што некако дојде до нас во групата. Со доаѓањето на Игор, бендот тргна во едно ново поглавје. Тој ни ги донесе страшно добрите вибрации, некое ново расположение.
Токму во тој емотивен процес настанаа речиси сите тие 12 нови песни, кои се напишани за овие три години. Нив секако дека ги потпишува Хус, меѓу кои најзабележителни се: „Богатите ќе побегнат на Марс“, „Мојата глава, моите правила“, „Сега кога знаеш“ („Moja glava, moja pravila“, „Sad kad znaš“ и „Bogati će pobjeći na Mars“). Единствено за песната „Откако не те гледам често“ („Otkad te ne viđam često“) музиката ја потпишува Маријан Бркиќ-Брк на кој му беа препуштени снимањето, миксот и продукцијата. Визуелниот идентитет на албумот кој остава без здив, го осмислија Игор Јуриј и Томислав Враниќ.
Меѓутоа, вистина е дека Аки Рахимовски и денес е дел од секое сценско музицирање на „Парни ваљак“. Но и надвор од сцената. – Не постои проба или концерт, а некој да не се сети на некоја шега која знаеше да ја направи Аки. Признавам дека често сум тажен бидејќи физички веќе го нема Аки со нас. Едноставно е невозможно мојот Аки, мојот брат, да исчезне од мојот живот, емотивно и тажно раскажа Хусеин Хасанефендиќ-Хус. (фото:архива-ФБ)












