
Легендата на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс, упати сериозна критика кон еден од играчите на „Црвените ѓаволи“. И покрај одличните настапи на белгискиот голман Сене Ламенс откако пристигна на „Олд Трафорд“, Сколс верува дека Јунајтед не може да ја освои титулата со него во почетниот состав.
Ламенс пристигна од Ројал Антверпен минатото лето во трансфер вреден околу 21,7 милиони фунти и брзо стана прв избор заменувајќи го Алтај Бајиндир.
Неговите настапи беа многу фалени од навивачите, кои веруваат дека клубот конечно доби сигурен голман од ерата на Давид де Хеа.
Сепак, Сколс не е убеден дека 24-годишниот Белгиец е решението за најголемите амбиции на Манчестер Јунајтед.
Зборувајќи во подкастот „Добриот, лошиот и фудбалот“, поранешниот играч од средниот ред не штедеше зборови.
„Кој тим сте го виделе да ја освои Премиер лигата без голман од светска класа?“, праша Скоулс.
Неговиот коментар дојде по градското дерби против Манчестер Сити, во кое Ерлинг Халанд излезе како победник во дуелот против Ламенс.
„Арсенал пред три или четири години беше фантастичен во одбраната, но им недостасуваше голман од светска класа. Тоа е разликата кога сакате да ја освоите титулата“, додаде Сколс.
Ламенс претходно изјави дека сака да остане во Манчестер Јунајтед најмалку десет години и да стане една од легендите на клубот, како Петер Шмајхел и Едвин ван дер Сар.
„Во Англија, тие можат брзо да ве подигнат, но исто толку брзо да ве спуштат. Убаво е кога ме споредуваат со Шмајхел, но свесен сум дека сè уште имам многу да докажам. Се надевам дека ќе поминам десет години тука и ќе оставам трага во клубот“, рече белгискиот голман.
Сколс, сепак, верува дека патот до шампионската титула води само со голман од светска класа.











