Македонските граѓани без виза можат да влезат во 130 држави во светот, што е за три повеќе отколку лани. Со тоа, според рангирањето на „The Henley Passport Index“, македонскиот пасош е на 38. место во светот и бележи скок за седум места во споредба со минатата година.
На листата за 2025 година сме пред Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, кои се на 43. место, Турција на 46. и Косово на 61. место. Србија, пак, е пред нас и го зазема 32. место.
Најмоќниот пасош на светот и годинава го има Сингапур, чии граѓани може без виза да влезат во 193 од вкупно 227 земји. На второто место се Јапонија и Јужна Кореја, со пристап до 190 дестинации без претходна виза, трети се Данска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Шпанија и Финска, со пристап до 189 дестинации. На четвртото место, со пасош со кој може без виза да се патува во 188 земји, се Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Шведска, на петтото со можност за безвизно патување на 187 дестинации се Грција, Швајцарија и Нов Зеланд. Со британски пасош може слободно да се патува во 186 земји, со што е на шесто место, додека пасош на САД е на 10. место и со него без виза може да се патува на 182 дестинации.
Пасош кој е најниско рангиран, со кој може без виза да се патува во само 25 земји има Авганистан, по што следуваат Сирија, со пасош со кој може да се патува на 27 дестинации, и Ирак со пасош со кој без виза може да се патува во 30 земји.