Ремек-делото „Лилјакот“ на Јохан Штраус помладиот веќе 150 години ја воодушевува публиката низ светот останувајќи вечен симбол на виенскиот шарм. Исполнета со познати валцери, полки, многу елеганција, актерска игра и со хумор, оваа оперета на присутните во салата на Македонската опера и балет во сабота вечер им приреди магична вечер

Тајни љубовни игри, духовити дијалози, дворски гламур под маски и музика која никого не остава рамнодушен!… По долга пауза, повторно имавме можност да уживаме во најпознатата оперета на Јохан Штраус помладиот „Лилјакот“, која во саботата вечер премиерно се одржа на големата сцена на Македонската опера и балет, а вечер (28 октомври) ќе ја има и својата втора изведба.

Ова ремек-дело веќе 150 години ја воодушевува публиката низ светот останувајќи вечен симбол на виенскиот шарм. Исполнета со познати валцери, полки, многу елеганција, актерска умешност и со хумор, музичко-сценското дело „Лилјакот“ на присутните во салата им приреди магична вечер.

А во претставата ништо не е онака како што изгледа на прв поглед. Се испреплетува неверството, интригата, одмаздата и простувањето… сето тоа зачинето со бројни пресврти и енергија која се пренесува и на публиката, а како што велат и од Македонската опера и балет „нема подобар лек против монотоното секојдневие од добра музика и искрена смеа!“.

Така и оваа оперета во три чина (во македонски превод), повеќе од два часа го задржа целото внимание на публиката. Долгиот аплауз со кој беа наградени сите учесници во нејзино создавање е доказ дека ова дело со сигурност во иднина ќе биде омилено меѓу оние што ја следат музичко-сценската уметност, но и меѓу сите оние што сакаат да уживаат во квалитетна претстава.

А во оваа претстава, во режија на Љупка Јакимовска, беше одлично визуелно доловен периодот на 19 век, време на виенски балови, дворски слуги, маркизи, грофици… Ликовите на најдобар начин ги претставија одличните солисти Васко Здравков како рентиер и мангуп Габриел фон Ајзенштајн, Злата Тошевска Димовска како неговата сопруга Розалинда, Дејан Стоев како Алфред, тенор вљубен во Розалинда, Ана Ројдева како слугинката Аделе, Николина Јаневска како принц Орловски, Драган Ампов како нотарот Фалке, но и Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова, Tихомир Јакимовски и Драган Ампов. Нивната изведба беше надополнета со впечатлива сценографија, костимографија и кореографија на Марија Ветеровска, Марија Пупучевска и на Саша Евтимова.

Огромен аплауз од публиката беше наменет и за извонредната изведба на оркестарот под водство на Бисера Чадловска, како и за хорот и за балетскиот ансамбл. (Д. Т.)

Фото: ФБ Национална опера и балет и Ѕвонко Плавевски

ИЗДВОЕНИ