Според иницијалните анализи, новиот имплементиран систем на улично осветлување со паметни ЛЕД-светилки што го постави Општина Карпош досега има остварено заштеда на потрошувачката на енергија од 70 % во однос на претходниот систем, а очекувањата се да се достигнат 90 % откако ќе се одделат светилките што ги управува Градот Скопје од системот на Општината.
– Овој систем на управување нуди мониторинг на состојбата на мрежата во реално време преку веб-апликација. На тој начин, може во секое време да се провери функционалноста на секоја светилка или, пак, навремено да се детектира дефектот. Така се намалува времето на интервенција при одржувањето на уличното осветлување, а, исто така, постои можност за лесно откривање на нелегалните диви потрошувачи и за нивно автоматско исклучување од мрежата. Според работната динамика, Општината треба да инсталира уште 500 ЛЕД-светилки, со кои ќе обезбеди целосна покриеност на своја територија – наведуваат од Општина Карпош.
Акцијата за менување на уличното осветлување на своја територија Општина Карпош ја започна во 2023 година. За таа намена, локалната самоуправа инсталираше 5.100 паметни ЛЕД-светилки, кои ги заменија постојните натриумови светилки во урбаниот и во руралниот дел на Општината.
– Специфично за овој вид улично осветлување е тоа што за него се користи посебен софтвер за групна и за индивидуална контрола, преку кој може да се управува и мониторира секоја светилка поединечно – објаснуваат од локалната самоуправа.












