Денеска е пуштен во употреба реконструираниот магистрален пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,4 километри. Средствата во висина од 11,7 милиони евра беа обезбедени од буџетот на ЈП за Државни патишта и беше опфатена целосна санација на коловозот, поставување нова сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше. Направени се и заштитни интервенции на ризичните косини за поголема безбедност, сигурност и долготрајност.

– Овој пат нè поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот – манастирскиот комплекс „Св. Наум“. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од охридското крајбрежје. И не само тоа – тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија. Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно, го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација. Го поврзавме со светот преку нови авиолинии, преку Истанбул, Меминген, Виена, Белград. Денес, преку обновени патишта, овозможуваме да дише слободно и да се развива како што му прилега – истакна премиерот Христијан Мицкоски. 

Тој истакна дека во моментов, паралелно се градат неколку клучни патни правци.

– Автопатот Кичево – Охрид силно се забрзува, делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани – Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во Западна Македонија. И тука не застануваме. Инфраструктурата ги отвора вратите за туризам, за економија, за регионално поврзување, за работни места, за живот со достоинство – потенцира Мицкоски.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, потсети дека патот не беше реконструиран уште од градењето.

– Не беше чепнат на одредени делници од годините кога прв пат бил правен, кога во поранешната држава генералот Карангелески го пробивал, па сè до реконструкцијата не бил чепнат овој пат. Еве, сега е завршен и реконструиран и ќе им помогне на туристите и на жителите полесно да комуницираат – рече Николоски.

Директорот на ЈП ДП, Коце Трајановски, истакна дека оваа регионална делница е исклучително важна затоа што претставува патна врска со Република Албанија.

– За жал, и покрај тоа цели четири децении се чекаше за рехабилитација, чекаа и локалните жители кои секојдневно го користат овој магистрален пат, но и добрите патници намерници кои сакаат да го видат бисерот над бисерите на охридското крајбрежје, комплексот „Свети Наум“. За сите нив денес имаме побезбеден, попрегледен и рехабилитиран магистрален пат – рече Трајановски.

Проширен е патот кој на одделни места беше тесно грло и тешко се разминуваа возила. Сега ширината на магистралниот пат е променлива од 5 до 6 метри.

– Ги подигнавме стандардите на безбедност во сообраќајот и обезбедивме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс „Св. Наум“, го подигнавме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го поттикнуваме економскиот развој во Охридскиот Регион – рече Трајановски.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ