– Гастрономијата сама по себе овозможува пат за поврзување со луѓето, со наследството, со местата. Туризмот, преку храната, може да ги олесни нашите патувања, да ги повториме, но, исто така, и да се поврземе со пријателите и со семејството. Да посетиме многу повеќе локации, да обезбедиме интересно пренасочување на нашите патувања додека откриваме скриени приказни и посебни места. Токму ваквите настани го афирмираат културното искуство сo локалните начини на храна и на техники, наречено кулинарски туризам – истакна професорката Татјана Бошков, деканка на Факултетот за туризам и бизнис- логистика од Гевгелија
Во организација на Факултетот за туризам и бизнис-логистика од Гевгелија, викендов се одржа туристичка-гастрономска изложба на алтернативните форми за развој на туризмот, која на едно место ги обедини знаењето, искуството, локалните вредности и визијата за иднината.
Покрај традиционалното учество на угостителските објекти и на локалните винарници од Гевгелија, оваа година се приклучија и угостителите од Струмица.
– Гастрономијата сама по себе овозможува пат за поврзување со луѓето, со наследството, со местата. Туризмот, преку храната, може да ги олесни нашите патувања, да ги повториме, но, исто така, и да се поврземе со пријателите и со семејството. Да посетиме многу повеќе локации, да обезбедиме интересно пренасочување на нашите патувања додека откриваме скриени приказни и посебни места. Токму ваквите настани го афирмираат културното искуство со локалните начини на храна и на техники, наречено кулинарски туризам – истакна професорката Татјана Бошков, деканка на Факултетот за туризам и бизнис-логистика од Гевгелија.
Според неа, предуслов за зголемување на можностите за работа во туристичкиот сектор е да се зголеми атрактивноста на главните културни и природни места во регионот, со помош на прекуграничната соработка, а Гевгелија го има тоа.
– Локалитетите од регионот имаат потенцијал да бидат регионални атракции и да го зголемат бројот на локални, регионални и на прекугранични странски туристи, посетители во регионот и во локалните области. Тука може да се вклучат сите локални претпријатија што работат во културниот, историскиот, еногастрономскиот и во природниот туризам – нагласи Бошков.
Гевгелија нуди одлични економски, социјални, културни, но и здравствени придобивки. Таа истакнува дека наследството, раскажувањето приказни, како и автентичноста се важни концепти и дека се многу битни во интеракцијата со туристите што ја откриваат винската култура, дегустираат храна, истовремено уживајќи во природното и во културното наследство на овој регион.
– Токму ваквите средби, ваквите интенции да го подобриме нашиот систем преку поддршка и промоција и афирмација на туристичко-гастрономската понуда на Гевгелија, заедно со нашиот Факултет, со нашите студенти, ќе помогне да изградиме систем што ќе биде атрактивен за младите – изјави професорката Бошков.
Магистер Симона Ковалаковски, советник на заменик- министерот за финансии на Република Македонија, по 13 години живеење во Канада, се врати во Македонија да гради мостови помеѓу традицијата и современоста, помеѓу Истокот и Западот, помеѓу културата и институциите.
– Гевгелија е потенцијал, Вардарски Рид е сведок на дамнешните времиња, спиечки гигант што чека да го разбудиме. Виното е традиција, Негорски Бањи со своите лековити води се духот, а културата е патот. Нашата улога е да ја преточиме оваа историја во живо искуство, достапно, одржливо и гордо. Мојата заложба е да изградиме центар за културно-туристичка синергија во Гевгелија, да ги едуцираме младите за вредноста на нивното потекло и да ја поврземе економијата со културата, преку инвестиции, иновации и страст – истакна Ковалаковски.
Во традиционалниот амбиент на хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, покрај гастрономската изложба на храна од регионот, се одржа и панел-дискусија на тема „Развој на туризмот“. Претставниците на високото образование од УГД, споделија размислувања со претставниците на компаниите од Гевгелија, Струмица и од регионот, Општината Гевгелија, средното училиште, Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион за развојот на туризмот и како да стане регионот уште поатрактивен на туристичката мапа.
Дискусијата понуди многу интересни размислувања што може да бидат значајна основа на идните мерки и чекори за унапредување на туризмот и на туристичката понуда во регионот и пошироко. Факултетот, институциите поврзани со развојот на туризмот, како и реалниот сектор треба што повеќе да работат, рамо до рамо за развој на македонскиот туризам.
На панел-дискусијата се слушна дека целта е да ја отвориме туристичката мапа на Македонија кон светот, како земја со безброј автентични туристички дестинации, да ги вмрежиме регионите и да го направиме туризмот една моќна алатка за одржлив локален развој.
(Љ. А.)