Електричните автобуси што ги најави Владата, ќе се обезбедат со средства од унгарски кредит. Тоа го обзнани премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање. Но, тој не кажа колкав ќе биде износот на тој кредит, туку само дека каматата ќе биде 3,25 отсто според договорот „влада со влада“.
Ќе се набават 150 електрични автобуси, од кои 100 за Скопје со 50 полначи, а останатите за општините со организиран јавен превоз со 25 полначи, со што, заедно со другите проекти како Градски воз, БРТ и когенерацијата, драстично ќе се намали аерозагадувањето, посебно во Скопје.
– Она што можеме да го направиме ние како Влада, е да обезбедиме транспорт за општините, онаму каде што има организиран, кој ќе биде еколошки. И токму тоа е целта на набавката на овие 150 еколошки автобуси кои се на електричен погон и користат исклучиво енергетско напојување кое нема штетно влијание за животната средина. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел се обезбедени од буџет под услови подеднакво добри како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија – нагласи Мицкоски.
Во насока на намалување на аерозагадувањето, конкретно за Скопје, тој го спомена и градскиот воз, чија прва делница, како што истакна, се прави сега, а потоа ќе следуваат втората и третата.
– Очекувам заедно со БРТ-системот и со новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот што следува, драматично да се намали аерозагадувањето. Ова се конкретни потези, сме ги лоцирале точките, работиме, и ќе треба време. Процесот е почнат, обезбедено е финансирање под исти услови како што имавме со претходниот заем, 3 години грејс-период, каматна стапка од 3,25 % минимум за останатиот период до 15 години отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада. Следува процедура и набавка на овие 150 автобуси и нивна распределба – нагласи Мицкоски.
Тој, воедно, истакна дека оперативните трошоци ќе бидат драматично намалени, ефектот ќе биде повеќеслоен, позитивен за аерозагадувањето, но исто така, ќе биде позитивен и во делот на одржување на возилата.
Инаку, Владата, поточно Министерството за транспорт, на 17 јуни минатата година, распиша тендер за набавка на 120 електрични автобуси и станици за полнење, но тој беше поништен бидејќи само една компанија доставила понуда, но и таа не ги исполнувала критериумите наведени во тендерот.
Вториот тендер сè уште не е распишан.
(А. П.)












