Во рамките на манифестацијата „Гевгелија – Град на културата 2025“, НУ Музеј Гевгелија, во соработка со СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, организираше Креативно-едукативна работилница под мотото „Гевгелија град на сите“.
– Оваа работилница е пример за тоа како може музеите и галериите да бидат живи простори за учење и креативност, каде што младите не само што се запознаваат со културното наследство туку и активно го истражуваат и создаваат нови уметнички вредности – изјави на отворањето на работилницата Александар Каракабаков, кустос и историчар на уметност.
Настанот се одржа паралелно во уметничката галерија „Амам“ и во просториите на СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија. Работилницата се состоеше од теоретски и од практичен дел, а учениците работеа под менторство на м-р Александар Каракабаков, кустос и историчар на уметност, и на Розета Картова, професор по ликовно образование. Во теоретскиот дел, учесниците имаа можност да се запознаат со значајни примери на движно и на недвижно културно наследство во Гевгелија, додека практичниот дел им овозможи да креираат свои дела, користејќи различни техники на хартија, инспирирани од локалните историски и културни вредности.
Настанот привлече голем број ученици и млади уметници, кои преку својата креативност и учеството покажаа интерес за зачувување и промоција на културното наследство во својот град.
Годинава, Националната установа Музеј Гевгелија одбележува 45 години од своето основање како институција за музејска дејност, како и 10 години од започнувањето со галериската дејност, што дополнително ја нагласува нејзината посветеност на културното и на уметничкото воспитување на младите.
(Љ. А.)