| Кариерното советување им обезбедува на учениците поддршка, насоки и практични алатки што ќе им помогнат да ја изградат својата професионална иднина со самодоверба и јасна визија. Кариерното советување е наменето за учениците од завршните години од средното образование и има цел, преку употреба на различни техники, да му помогне на ученикот да ги спознае сопствените капацитети, вештини и интереси, со цел да направи вистински избор во однос на својот професионален развој. Во разговор за весникот ВЕЧЕР, Андријана Џинова, која е кариерен советник во СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, ни открива како може да придонесе кариерното советување за секој млад ученик да ја донесе одлуката за својата идна животна определба |
Оваа учебна година, Министерството за образование и наука воведе кариерно советување за учениците во средното образование. Во современиот свет, изборот на кариерен пат претставува една од најзначајните одлуки за секој млад човек. Кариерното советување им обезбедува на учениците поддршка, насоки и практични алатки што ќе им помогнат да ја изградат својата професионална иднина со самодоверба и јасна визија. Кариерното советување е наменето за учениците од завршните години од средното образование и има цел, преку употреба на различни техники, да му помогне на ученикот да ги спознае сопствените капацитети, вештини и интереси, со цел да направи вистински избор во однос на својот професионален развој. Во разговор за весникот ВЕЧЕР, Андријана Џинова, која е кариерен советник во СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, ни открива како кариерното советување може да придонесе за секој млад ученик да ја донесе одлуката за својата идна животна определба.

– Кариерното советување е процес во кој обучениот кариерен советник им помага на поединците да ги разберат своите личност, интереси, способности и вредности со цел да донесат информирани одлуки во врска со својата кариера. Во суштина, кариерното советување помага во самопознавањето на силните страни и интереси на секој ученик, обезбедувањето информации за образовните и за кариерните можности, го поддржува донесувањето одлуки како избор на професија, планирање на развојните чекори. Во кариерното советување учениците развиваат и практични вештини како изработка на CV, мотивациско писмо, како и поддршка со кариерниот избор – вели Џинова. Според неа, главните придобивки за учениците се: подобро самопознавање, поддршка при избор на идното образование, реален увид во професиите, намалување на несигурноста, мотивација, самодоверба, практични вештини.
– Кариерното советување е важно затоа што учениците ги откриваат своите интереси, таленти, како и вредности. Добиваат и информации за факултетите, струките, како и за потребните вештини и можности за вработување. Преку разговори и професионална поддршка, учениците се чувствуваат посигурно во својот избор – појаснува нашата соговорничка.
Додава дека кариерното советување се реализира со претходно подготвена годишна програма во која се вклучени активности што се планирани, а некои веќе и се реализираат. Тоа се информираност, прво, на учениците и на родителите, анализа на потребите на учениците преку спроведување анкети, организирање групни работилници, интеграција со наставниот процес, соработка со надворешните партнери со кои има потпишано училиштето меморандуми за соработка, како и следење и евалуација на спроведените активности.
– Прво започнавме со изработка на промотивен материјал и со промоција на кариерното советување. Родителите беа информирани преку Советот на родители, каде што кариерниот советник ги информираше за целите на ова советување и за влијанието што го имаат родителите, кои се првите т.н. кариерни советници на своите деца. Исто така, беа организирани групни работилници со учениците од завршните години, како и анкета за анализа на потребите. Се планираат работилници и во соработка со Средношколската заедница, организирање панел-дискусии со надворешните партнери, индивидуални разговори со учениците, организирање денови на кариерата – вели Џинова.
Таа вели дека тимот за кариерно советување се состои од шест члена и дека заедно со неа, како кариерен советник, се наставниците Јасмина Јанашлиева, Вања Манчева, Стефчо Стефанов, со поддршка од психологот Светлана Митровска и од педагогот Маја Проданова.

Во врска со интересот на учениците за стручното образование, дали се забележува зголемување или намалување, вели дека сè уште е рано да се даваат заклучоци, но дека првите импресии наведуваат на заклучокот дека кариерното советување ќе биде од голема помош за учениците.
– Активностите што се планираат ќе придонесат кариерното советување да биде составен дел од образовниот процес, со цел учениците да ја градат својата кариера на осмислен, структуриран и информиран начин. Интересот на учениците за средното стручно образование расте по воведувањето на дуалниот модел на стручно образование и учење низ практика во СОУ „Јосиф Јосифовски“, во соработка со локалните компании. Исто така, ова училиште, со понудата на разновидност на квалификации во стручното образование, динамични и модерни наставни програми, практична обука во компанија, овозможува здрава и сериозна основа за понатамошен успешен кариерен и личен развој на ученикот – вели нашата соговорничка и додава дека родителите се составен дел од овој процес, повторувајќи дека тие се првите „кариерни советници“. (Љ. А.)












