Следната година, фокусот на Владата ќе биде ставен на реализацијата на капиталните инвестиции, кои се очекува да бидат главен двигател на економијата. Според премиерот Христијан Мицкоски, годинава очекува раст на БДП од 3,4 %, што се должи растот од 34 % во градежништвото и на приватните инвестиции во третиот квартал.

– Наша цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4 % и повеќе во услови на ваква криза, особено во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички констелации не само во Европа туку и пошироко. Очукуваме номиналниот раст на БДП да биде помеѓу 7,5 и 8 %, што веќе го правиме. Ова е она што претставува наша амбиција во ова време, да ги намалиме јавниот и државниот долг – посочи Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање.

Тој посочи дека годинава, ако се спореди креираната додадена вредност во економијата со задолжувањата, се доаѓа до сооднос 2 спрема 1.

– Затоа, кога ќе прашаат какви се јавниот и државниот долг, одговорот е дека е едниот е за речиси 2,8 % помал, а другиот за 3,5 % од тој што бил на крајот од 2024 година. Ние, во оваа година, двојно повеќе создаваме вредност отколку што ја задолжуваме државата. Оваа Влада домаќински се грижи за народните пари и може да ги планира соодветно, распределува, да инвестира соодветно за граѓаните да почувствуваат дека се случува нешто на добро во државата споредено со тоа како беше по принципот „како досега“ – рече Мицкоски.

Тој очекува 75-80 % од капиталните инвестиции во општините што ги финансира централната власт да бидат завршени. Очекува за една година да заврши и автопатот Кичево – Охрид.

– Со потпретседателот на Владата, жестоки сме со компанијата која го гради автопатот и која си игра мајтап со трпението. Мислам дека треба да престанат да си играат мајтап и да го заврши тоа што требаше во февруари, па се продолжи до октомври и сега пак бараат рок до февруари. Жестоко работиме на реализација на коридорите 8 и 10-д, очекувам да имаме огромен напредок, очекувам завршување на реализацијата на капиталните инвестиции во други сегменти и започнување нови – изјави Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ