На јавните површини, во дворовите на училиштата, градинките и парковите во Штип ќе се поставуваат камери.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, вели дека нема да се користат овие камери за системот „Безбеден град“.
Тој додаде дека овие камери, кои ќе се постават на 156 локации, треба да го спречат вандализмот, односно девијантното однесување и уништувањето на парковите, урбаната опрема низ градот и, како што вели, ќе служат и како доказен материјал на Министерството за внатрешни работи и за другите институции.
– Ќе имаат функција на контролирање и виде надзор на јавна површина за заштита од девијантно однесување, уништување урбана опрема и ќе служат како доказен материјал во одредена постапка на СВР Штип. Камерите ќе забележуваат девијантно однесување, оти станува збор за паметен систем, кога има одредена појава, тој ја регистрира и дава информација – изјави Јорданов.
Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова, вели дека имаат три тендерски постапки за реализација на овој проект, од кои две веќе се завршени, и тоа за Интернет и за набавка на камерите, а деновиве ќе биде објавена и постапката за изведување на градежните работи.












