Со настапот на реномираниот полски пијанист Анджеј Јагоѓински и неговото трио, завчеравечер, во полната сала на Македонската опера и балет, беше отворено 44. издание на Скопскиот џез-фестивал. Овој музички фестивал кој го слави џезот и кој секоја година со голем интерес се дочекува од страна на љубителите на овој жанр во Македонија, и годинава на своите обожаватели им понуди богата програма со врвни музичари. Истата вечер, публиката имаше можност да го проследи и одличниот концерт на меѓународно докажаниот Национален џез-оркестар под водство на австрискиот диригент Зиги Фајгл и гостинот солист Луис Бониља – американски тромбонист со меѓународна кариера…

 

Започна џез-магијата во Скопје! Со настап на реномираниот полски пијанист Анджеј Јагоѓински и неговото трио, завчеравечер, во полната сала на Македонската опера и балет, беше отворено 44. издание на Скопскиот џез-фестивал. Овој музички фестивал кој го слави џезот и кој секоја година со голем интерес се дочекува од страна на љубителите на овој жанр во Македонија, и годинава на своите обожаватели им понуди богата програма со врвни музичари.

Истата вечер, публиката имаше можност да го проследи и одличниот концерт на меѓународно докажаниот Национален џез-оркестар под водство на австрискиот диригент Зиги Фајгл и гостинот солист Луис Бониља – американски тромбонист со меѓународна кариера.

Настанот го отвори директорот на „Скопје џез-фестивал“, Оливер Белопета, кој им се заблагодари на сите што ја поддржаа неговата реализација. Истата вечер, тој на Гордан Спасовски му ја додели наградата за најдобар џез-музичар за оваа година.

Инаку, првиот дел од вечерта во која настапи Јагоѓински и неговото трио беше вистинско музичко откровение за публиката, која уживаше во едночасовниот концерт на кој беа изведени џез-интерпретациите на познатите композиции на Бах и Шопен. Јагоѓински, добитник на орденот Глорија артис за заслуги во културата, е еден од највлијателните фигури на полската џез-сцена. Заедно со членовите на неговото трио во кое партиципираат и Адам Цегелски на контрабас и Чеслав Бартковски, ја воодушевија присутната публика. На крајот од концертот таа бараше бис, а триото доби и бурни аплаузи за својот извонреден настап.

Извонредно и беспрекорно се одвиваше и вториот дел од вечерта во која на сцената го видовме Националниот џез-оркестар со светски познатиот тромбонист, Луис Бониља. Извонредниот енергичен настап на нашиот Национален џез-оркестар и изведбата на Луис Бониља, и задоволната публика која ја исполни салата до последно место, покажаа дека програмата на 44. „Скопје џез-фестивал“ и годинава го нуди врвното од европската и од светска џез-сцена.

Гостите, пак, за македонскиот џез-фестивал, посочија дека е еден од ретките во Европа што опстанал толку години.

Добитникот на наградата, Гордан Спасовски, пак, посочи дека без овој фестивал, џез-музиката во Македонија немаше да биде на ова врвно ниво.

Два концерта беа на програмата и на втората фестивалска вечер. Вчера од 20 часот прв настапи Марк Рибо, со музичкиот проект „Map of a blue city“. Албумот е синтеза на повеќе правци: традиционална американска музика, блуз, боса нова, ноу вејв, нојз и фри-џез. Во 22 часот следуваше и Кахил ел Забар ансамбл, кој преку пет децении е еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго.

Вечерва, (18 октомври), публиката ќе може да го слушне квартетот „After the Wildfire“ со истоименото дело што е нарачано специјално за Скопскиот џез-фестивал. Светската премиерата се случи во 2023, како концерт со оригинални композиции и изведби на Арве Хенриксен и Јан Банг и со Емин Џијан како оркестратор и диригент на оркестарот на  Фејмс Институт. Во настапот учество зедоа и повеќе македонски солисти. Критиката оцени дека „After the wildfire“ покажува уметничка издржаност и мајсторство кое не е брзоплето составено, туку внимателно промислено. Беше истакната извонредна умешност и емотивна длабочина на музичарите, притоа создавајќи богата текстура и звучен пејзаж, кој ги задржа слушателите фасцинирани, од почеток, до крај. Со издавањето на албумот „After the Wildfire“ за Џезленд (Punkt editions) Банг и Хенриксен се враќаат во Скопје и ќе настапат како квартет со гитаристот Еивинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак.

Вториот  концерт е со Горан Кајфеш Тропикс. Со проектот „Tropiques“, Горан Кајфеш во 2011 состави група која на музиката ќе ѝ пристапи минималистички, темелејќи ја на базичен грув, трпеливо и бавно развивање на формите, мелодиска импровизација и мантрични мотиви кои се протегаат низ електро-акустични текстури. Ова е музика која често се нарекува „хипно-џез“.

Незаборавното музичко искуство за сите љубители на џезот завршува на 19 октомври со концертите на трубачот и композитор Вадада Лио Смит и пијанистката Силви Курвоазје, како и со настапот на квартетот Џејмс Брендон Луис, кој е на самиот врв на светската џез-сцена. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ