Во Мала станица во Скопје, вчера, во организација на Архивот на Битола и на романската Амбасада, беше отворена изложбата „Отаде вчера. Антрополошко патување на Балканот следејќи ги стапките на Браќа Манаки од 1900 година“. Јавноста има можност во наредниот период да ги види фотографиите направени од браќата Манаки пред 100 години, кои се претставени паралелно со современи фотографии од истите места, направени од професорот Константин, во последните неколку години. Интересно е што антропологот Константин, како што вели самиот, фасциниран од фотографиите на местата на Балканот сликани од Браќата Манаки, решил да ги посети сите тие места 100 години подоцна.

– Браќата Манаки имаат меѓународна кариера, а нивните фотографии се наоѓаат и во романските архиви, каде што ги видов и се фасцинирав. Најголем дел од моите теренски истражувања се спроведуваат повеќе од една деценија на Балканот, во старите населби на ароманските овчари. Ова беше начин да се влезе во изолираните заедници на Балканот, да се види нивниот начин на живот. Колку се променил светот на Власите и воопшто колку се променил Балканот во последните сто години – вели романскиот антрополог.

Овој визуелен проект е помалку за прецизно лоцирање на оригиналните места, а повеќе за наративите што се развиваат на патот.

Директорката на Државниот архив на Македонија, Наташа Котлар – Трајкова, пак, посочи дека со оваа изложба се одбележуваат 30 години од дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Романија.

– Истовремено се одбележуваат и 120 години од активната професионална кариера на Браќата Манаки, кои не се само наше културно богатство туку и на регионот и на Европа. Ова особено го видовме при нашата посета на Букурешт, каде што забележавме колкаво значење имаат работата и делото на браќата Манаки. Тие ја почнуваат, всушност, својата меѓународна кариера по посетата на големата културна манифестација во Букурешт – посочи Котлар – Трајкова. (Д.Т.)

Фото: П.Стојановски

 

ИЗДВОЕНИ