Со завршната изложба на ликовните дела на 10-мина ликовни уметници од Македонија, Грција, Србија и од Турција беше означен крајот на традиционалната ликовна колонија, 21. по ред, „Аполонија 2025“. Присутните на изложбата повторно ја доживеаја величината на творечкиот дух во питомата и сончева Гевгелија, за која познатиот гевгелиски поет Илија Карајанов има напишано: „Сликарот кон изворот се упатува, сончевата страна е отворена за бестрашни летови“.

Десет дена уметниците Ниче Василев, Владо Темков и Ване Костуранов од Македонија, Ѓорѓе Станиќ, Михајло Петковиќ и Рајко Карашиќ од Србија, Ајнур Каплан и Зивер Каплан од Турција, Јоанис Проиос од Грција, како и гевгеличанецот Александар Јанев, секој со свој ракопис, ги создаваа своите дела што ќе ја збогатат ризницата на сликите, кои продолжуваат да го  живеат својот живот во просториите на хотелот „Аполонија“. Гевгеличани, пак, уште еднаш беа сведоци на ненадминливата убавина на ликовното творештво.

Директорот на Фондацијата, Аце Ристовски, отворајќи ја изложбата, изјави: „Жан Жак Русо има речено дека светот на реалноста има граници, но светот на фантазијата е безграничен. А, јас ќе додадам дека, гледајќи како од длабочините на белилото, врамено во сликарското платно, полека се раѓа сосема нов, сјаен свет на боите, на фантазијата, на магијата на човечкиот допир, допирот на уметникот творец, преку сликите на годинашната ликовна колонија ѝ се враќаме на чистотата на надежта што секогаш тлее во нас“.

Навистина, оваа ликовна колонија не е само изложба туку и простор за размена на идеи, за инспирација и за емоции преточени во уметнички дела. Токму ова, на завршната изложба, го потенцираа за весникот ВЕЧЕР неколкутемина ликовни уметници со кои разговаравме. Така, уметникот Ване Костуранов од Струмица вели: „Ликовната колонија ‘Аполонија’ секоја година нуди одлични услови за работа, мир, простор и време само за уметност. Она што ја прави уште повредна оваа колонија е можноста за дружење со уметниците од целиот регион. Од тие средби имам многу искрени пријателства и многу инспирација. Дружбата и разговорите со поискусните колеги, за мене, се вистинско богатство. Од нив секогаш може да се научи нешто ново и за уметноста и за животот“.

Ликовната колонија „Аполонија“ и оваа година беше значаен културен настан во Гевгелија, која 21 година ги поврзува уметниците од повеќе земји, љубителите на сликарството и поддржувачите на културната сцена. Од Турција, на овој „собир“ на уметници дојде брачната двојка Ајнур Махмудова Каплан и Зивер Каплан, кои имаа само пофалби за организацијата и за престојот: „Воодушевени сме од приемот и од атмосферата што владееше сите овие денови исполнети со творештво во прекрасната Гевгелија. На завршната изложба, публиката ги гледа нашите готови слики, но не може да ги види нашите слатки маки додека ги создававме деноноќно во ликовната работилница. Среќата од живеењето на тие уморни  и возбудливи моменти на создавање едно дело е најубавото чувство, кое не може да се опише. Се сретнавме со многу драги пријатели уметници, и ќе го негуваме нашето пријателство и во наредните години“.

На завршната вечер, која беше исполнета со уметност, разговори, боја и со страст – вечер кога уметноста зборуваше гласно и искрено, го сретнавме и сликарот од Србија, Ѓорѓe Станиќ. На неговите платна, кои секогаш се полни со бои и со карактеристичниот релјефен распон, има препознатливи мотиви од пејзажи од многу градови и села, а овој пат и од Охрид: „Редовен гостин сум на ваквите ликовни колонии во убавата Македонија. Во Гевгелија доаѓам непосредно по завршувањето на иста ваква колонија во Вевчани. Меѓународната ликовна колонија „Аполонија 2025“ претставува уникатна платформа за уметниците од различни земји да се поврзат, да разменат идеи и да создадат нови дела“.

Единствен учесник на годинашната ликовна колонија од Гевгелија беше Александар Јанев. Тој, телеграфски, само во неколку збора го опиша своето чувство: „Стандарден квалитет, одлична организација и прекрасна презентација“.

Инаку, меѓународната ликовна колонија „Аполонија“ се одржува секоја година во хотелот „Аполонија“, кој е нејзин покровител. На неа учествуваат уметници од земјава и од странство, кои творат со ист интензитет и посветеност. Учествуваат докажани уметнички имиња, но и претставници на помладата генерација ликовни творци. (Љ.А.)

 

ИЗДВОЕНИ