Од 28 септември до 5 октомври публиката ќе има можност во официјалната натпреварувачка програма да проследи три документарни и три играни филмови, а ќе бидат доделени и наградите за особен придонес во филмската уметност, и тоа на македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски и годинашниот победник на „Берлинале“, режисерот Даг Јохан Хагеруд. Актерската дива Лив Улман, пак, е годинашна добитничка на наградата за животно дело

 

Со еден од најзначајните филмови за овие простори во последните три декади, документарецот „Изгубениот сон“ на хрватскиот режисер Јуре Павловиќ, на 28 септември во Македонската опера и балет се отвора годинашното јубилејно 10. издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“, на кој ќе присуствува и актерската дива Лив Улман, која е и годинашна добитничка на наградата за животно дело.

До 5 октомври публиката ќе има можност во официјалната натпреварувачка програма да проследи три документарни и три играни филмови, а ќе бидат доделени и наградите за особен придонес во филмската уметност и тоа на македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски и годинашниот победник на „Берлинале“, режисерот Даг Јохан Хагеруд.

Инаку, „Изгубениот сон“, со кој стартува годинешната програма на „Киненова“, е филм за југословенскиот „дрим тим“, остварување кое според Небојша Јовановиќ, директор на „Киненова“ несомнено ќе привлече големо внимание кај публиката.

– Ова е филм кој силно ќе ги разбранува чувствата на сите генерации, особено на оние што живееле во една друга заедничка држава со повеќе братски народи, наречена Југославија. Во филмот учествуваат сите најголеми југословенски екскошаркарски легенди, како Јуре Здовц, Дино Раџа, Тони Кукоч, Владе Дивац,  Зоран Јовановиќ, а неколку од овие легенди ќе бидат дел и од свеченото отворање на „Киненова“ со македонската премиера на филмот во Скопје. Дејството на филмот се одвива за време на натпреварите на европското кошаркарско првенство во Италија, буквално во деновите на почетокот на распадот на Југославија. Овој филм е избран за отворање на фестивалот затоа што на еден крајно суптилен уметнички начин, од здрава дистанција и крајно непристрасен поглед на нештата, ги анализира феномените на колективниот успех, колективниот неуспех, заедништвото што постоеше, а исто така и крајно сирово ги спротивставува другарството наспроти националистичките пориви, посочи Јовановиќ.

Останатите филмови кои ќе можат да се проследат во Киноверзум во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, според селекторот Игор Анѓелков, се уште два документарци и три играни филма.

–„Изгубениот сон“ со кој се отвора „Киненова“ е, всушност, филм за единствената репрезентација во кошарка која освои златен медал на европското првенство во Рим во 1991 година за држава која веќе не постоеше. Останатите два документарци се исто така возбудливи филмови од различни кинематографии.

Следниот документарец е „Прасловен“ на Слободан Максимовиќ, словенечки филм биографско остварување за големата југословенска музичка ѕвезда Зоран Предин од рок-бендот „Лачни Франц“. За човекот кој и по 40 години сè уште е активен на музичката сцена. Третиот документарен филм е германско-јапонска копродукција „Со малку воздух“ на Андреас Хартман и Арата Мори, за можноста да се исчезне од сопствениот живот и фирма во Јапонија која може да го „направи тоа“. Да имате сосема нов идентитет и живот за што добро треба да платите, а сè тоа е на еден експлицитен начин раскажано во филмот, посочи Анѓелков.

Од играните филмови, пак, според Анѓелков, двата зборуваат за актуелните теми за војните и за бегалците. Сигурно било предизвик да се проговори  за актуелните случувања во Газа, но на еден поинаков начин.

–Тоа фантастично го прават палестинските браќа Насер и Абел, во филмот „Беше некогаш во Газа“, со кој докажуваат дека и во време на криза, хуморот е еден од елементите кој мора да биде присутен. Вториот филм е „Помеѓу боговите“, кој доаѓа од српската кинематографија во режија на Вук Ршумовиќ, во кој глуми и македонскиот актер Никола Ристановски. Се работи за авторски филм кој зборува за бегалците на овие простори, во регионот, и за нивното соочување со најневозможните ситуации во кои може да се најде еден човек. И на крајот е филмот од грузиска кинематографија, „Панопктикон“ на Георги Сикарулиѕе, кој исто така ќе понуди фина конкуренција и предизвик за жири комисијата“, додава Анѓелков.

Инаку, за Лив Улман, годинашната добитничка на наградата „Златна грива за животно дело“, селекторот Анѓелков рече дека за неа е доволно да се каже дека е „муза“ на големиот Ингмар Бергман, играјќи во десет од неговите, според многумина, најдобри филмови.

– Но, Лив Улман, се разбира, е многу повеќе од тоа. Љубовта кон уметноста безброј пати ја докажала и на театарската сцена, но и на режисерското столче, на кое милува да седи во последните три декади од својата богата кариера. Таа сè уште е витална и полна со енергија, и со радост ѝ ја доделуваме највисоката награда за животно дело, заслужено вбројувајќи ја меѓу великаните кои во изминатите години ја добија нашата фестивалска награда“, посочи Анѓелков.

Во 2022, Лив Улман ја доби почесната награда „Оскар“ за „храброста и емоционалната транспарентност“ кои на публиката ѝ подарија длабоко трогателни човечки портрети на екранот.

Добитникот на специјалната „Златна грива“ за особен придонес во филмската уметност, Даг Јохан Хагеруд, на 10. издание на МФФ „Киненова“ ќе одржи мастерклас.

– Даг Јохан Хагеруд е исклучителен филмски уметник, кој за себе најпрво вели дека е библиотекар, па потоа писател, сценарист, режисер, а во филмската критика е опишуван и како истакнат хуманист. Неговите романи, кратките раскази и кратките филмови, навестувале дека на филмската сцена ѝ приоѓа еден умен, образован, но спонтан и принципиелен филмски режисер и сценарист. Во 2006 ја добива „Почесната награда“ на Нордиската Панорама. Во 2020 за својот втор долгометражен филм „Чувајте се од децата“ е награден со дури девет статуетки „Аманда“, додека за филмовите од неговата позната Осло-трилогија  „Секс“, „Љубов“ и „Соништа“ е награден со највисоката награда на Нордискиот филмски совет и со наградата на Здружението на филмската критика на Норвешка. Последниот „Соништа“ му ја донесе Златната мечка за најдобар филм на годинашното 75. „Берлинале“ и наградата на Fipresci, рече Гена Тодосиевска, уметнички директор на Фестивалот. Таа го претстави и вториот лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност, македонскиот кинематографер Самоиловски.

– Владимир Самоиловски е најдобриот македонски кинематографер од средната генерација кинематографери, филмски автори, со беспрекорна вештина во познавањето на сите процеси на создавањето на еден филм. Неговата визуелна креација и професионална соработка со режисерите и so актерите е високопочитувана, како во Македонија така и во регионот, но и пошироко. Неговата страст за професијата и љубопитството му овозможуваат да соработува на филмски продукции на повеќе континенти. Тој соработувал со низа еминентни имиња од режисерската фела, како од Македонија, така и од просторите на поранешна Југославија, како Трајче Попов, Бранко Гапо, Димитрије Османли, Столе Попов, Коле Ангеловски, Мето Поповски, Милчо Манчевски… но и режисери и сценаристи од помладата генерација како Дарко Митревски, Александар Поповски, Светозар Ристевски, Марија Апчевска, Теона Стругар-Митевска, Вардан Тозија…

Самоиловски пред присутните сподели искуства од соработката со домашните и странски режисери.

– Да не се ваквите филмски фестивали, луѓето зад камерите ќе останат непознати, меѓу другото, кажа Самоиловски. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ