Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека нема да има прекини на водоводната мрежа, недостаток на вода и намален притисок во високите делови од градот. Наведе и дека овој месец треба да бидат ставени во функција резервоарите „Пребег“ и „Мери“, но и дека се работи и на секундарната мрежа во населбата Плуждино

 

За една година, целосно ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето во Штип, најави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој посочи дека нема да има прекини на водоводната мрежа, недостаток на вода и намален притисок во високите делови од градот. Наведе и дека овој месец треба да бидат ставени во функција резервоарите „Пребег“ и „Мери“, но и дека се работи и на секундарната мрежа во населбата Плуждино.

– Овој месец, резервоарот „Мери“ и резервоарот „Пребег“ ќе бидат ставени во функција. Останува да бидат поврзани со главниот цевковод и предвидени се некои финални активности кои се во рамки на самиот проект. Веќе се работи секундарната мрежа во населба Плуждино, која ќе се снабдува од резервоарот „Мери“ со вода за пиење, а резервоарот „Пребег“ ќе овозможи решавање на долгогодишниот проблем кој Штип како град го има со слабиот притисок на високите населби – изјави Јорданов.

Тој додаде дека, дополнително, во наредните неколку месеци ќе започне имплементацијата на СКАДА-системот.

– Со него ќе се регулира загубата на вода на 35 точки во градот. Со тоа, ЈП „Исар“ ќе има помали финансиски загуби, како и загуби на водата за пиење низ водоводната мрежа – истакна Јорданов.

Тој посочи дека претходниот период е сменет голем дел од подземната водоводна мрежа во повеќе населени места во градот.

– Целта е Штип конечно да го реши проблемот со честите дефекти на водоводните линии, намалениот притисок на вода и загубата на вода – заклучи Јорданов.

СКАДА –системот ќе се гради со средства од вториот повик на Владата за користење средства од унгарскиот заем.

 

ИЗДВОЕНИ