Во средното училиште „Илинден“ во истоимената општина е набавен и поставувен комплексен индустриски роботски систем, кој ќе го подобри образовниот процес по сите предмети кои се поврзани со автоматиката и роботиката, а со тоа ќе овозможи и нови можности за развој на самите ученици.
Од Општина Илинден информираа дека индустрискиот роботски систем со роботската рака е напреден уред кој може да извршува различни задачи со голема прецизност.
-Таа ќе биде користена за демонстрации на механизмите на движење кај најкомплексните роботи и за демонстрација на интегрирање на роботи во автоматизацијата на процесите. Преку практични примери и вежби, учениците ќе имаат можност да научат како функционираат роботите, како се програмираат и како тие можат да се применат во индустријата. Ова ќе биде особено корисно за учениците кои се заинтересирани за наука, технологија, инженерство и математика (STEM) – соопштија од локалната самоуправа.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски во денешното дигитално време, технологијата игра клучна улога во начинот на кој се одвива образованието.
Директорот на училиштето, Зоран Арсовски информираше дека овој роботски систем ќе им овозможи на учениците да развијат вештини во решавање проблеми, критичко размислување и тимска работа.
Со практичните активности, учениците ќе имаат можност да учат на интерактивен начин и да се запознаат со основите на инженерството и програмирањето. Интеграцијата на роботската рака во наставата ќе ја зголеми мотивацијата на учениците, поттикнувајќи ги да се вклучат во STEM дисциплини и да развијат интерес за идните професии кои ќе бидат силно поврзани со технологијата. Ова е следниот логичен чекор во модернизацијата на образованието кое го нуди ова училиште, овозможувајќи им на учениците да се подготват за иднината со вештини кои ќе им бидат неопходни во индустријата, а индустријата ќе добие профилиран, добро обучен и веднаш вработлив кадар. СОСУ „Илинден“ е прво средно училиште кое поседува роботска рака од ваков вид.
Покрај роботската рака во училиштето е поставена и платформа за лица кои имаат проблем со мобилност. Платформата е иновативно решение кое со подигнување и спуштање овозможува лесен и брз пристап до различни катови и простории во училиштето кои имаат проблем со движењето. Со користењето на оваа платформа се обезбеди поголема автономија и независност на лицата со количка, но и се овозможи тие без поголеми потешкотии да имаат пристап до сите кабинети и лаборатории.