Во магичниот амбиент на Куршумли ан во Старата скопска чаршија, вчеравечер македонскиот етнобенд „Баклава“ одржа емотивен концерт по повод 20 години од своето постоење на музичката сцена. Присутната публика, во интимната атмосфера што ја нуди овој простор, имаше ексклузивна можност да ужива во познатите нумери што го одбележаа постоењето на овој состав. Концертот започна со нумерата „Душа“ од неговиот втор албум „Калемар“, најавувајќи ги звуците што беа испратени до присутната публика токму од душата на музичарите и од вокалистката Елена Христова.
Таа посочи дека овој јубилеен концерт, кој се одржа во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, е од особено значење за нив како бенд, кој две децении го споделува своето музичко искуство. Упатувајќи поздрав до публиката, до сегашните и до сите досегашни членови, се потсети и на оние музичари што не се веќе меѓу нас – Џенгис Ибраим и Александар Николовски.
И како што и најавија, Елена и другите членови на бендот нè поведоа на музичко патување со песни од сите пет албумски изданија: „Баклава“, „Калемар“, „Ме манкас мучо“, „IV“ и „За Скопје со љубов“, пеејќи за љубовта, традицијата, градот во кој го одбележуваат јубилејот…
Се редеа нумерите „Змеј горјанин“ од истиот албум, „Невеста жито требеше“ од првиот албум „Баклава“, „Море Мите“ од третиот албум, каде што, како што посочи Елена Христова, пее на седум јазици, за да продолжи нивниот настап со песна од четвртиот албум „IV“ посветен на боите, песната „Пурпурна“ штобеше изведена на македонски и на влашки јазик. Токму за овој албум членовите на бендот велат: „Создадовме светска музика. Вложивме многу. И мака и љубов…“, но истото може да се каже и за сите нивни други албуми, кои стекнаа, со годините наназад, бројни обожаватели. Беа испеани и песните „Парк“ инспирирани од Градскиот парк во Скопје, „Феникс“, „Чаир“… од албумот „За Скопје со љубов“, но особено внимание кај присутните предизвикаа добро познатите нумери „Твојте очи, Лено“, „Јаворе“, „Ој девојче“, исто од албумот „Калемар“ како и песната „Мори чупи костурчанки“.
Присутните уживаа во песните посветени на виното и на љубовта, во најголемите хитови на „Баклава“, а меѓу аплаузите беше побаран и бис.
Инаку, бендот „Баклава“ има пет различни изданија, претежно авторски песни, мешавина од повеќе јазици и музички стилови. Додека нивниот прв албум, „Баклава“, е концертен, „Калемар“ е нивни прв студиски албум, создаден од композиции од самите членови. На третиот албум, „Многу ми недостигаш“, сведочиме на мелодијата од различни народи, култури и религии. „Четворката“ е нивниот најличен албум, кој излезе првпат и на винил и е буквално дефиниција за World Music или музика на светот. Петтиот албум, „За Скопје со љубов“, излезе на цеде и винил во 2023 година, под брендот на издавачот „CPL Music“. (Насловот на македонски означува дека му го посветуваат албумот на својот роден град, додека на англиски од каде доаѓаат). По многуте настапи и спотови, свој документарен филм, имаат и неколку песни во филмовите „Трето полувреме“ и „Златна петорка“.
Музиката на „Баклава“ ги спојува традиционалните звуци со модерните звуци од целиот свет. (Д. Т.)