Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, иако ветуваше бесплатен јавен градски превоз за сите, досега не успеа да обезбеди нови автобуси, освен шесте еколошки, на компримиран природен гас, кои ги доби и му ги предаде на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), преку проектот „ЕУ за чист воздух“, донација од Европската Унија. Владата и Министерството за транспорт понудија две решенија „Градски воз“, чија прва линија од Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, па сè до Железничката станица – Скопје, се очекува да биде во функција до крајот на годинава, како и набавка на 120 електрични автобуси, за што изработката на тендерот е во финална фаза
Скопјани сè уште се соочуваат со несоодветен јавен градски превоз. Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, иако ветуваше бесплатен јавен градски превоз за сите, досега не успеа да обезбеди нови автобуси, освен шесте еколошки, на компримиран природен гас, кои ги доби и му ги предаде на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, преку проектот „ЕУ за чист воздух“, донација од Европската Унија.
Арсовска и нејзиниот претходник не успеаја да го решат хаосот во јавниот превоз, иако проектите за ефикасен транспорт беа адутите со кои добија најголеми број од гласовите. Се чини дека оваа тема и натаму ќе биде најгорлива, а надеж дека може да се реши нешто стигна со една од првите изјави на министерот за транспорт, Александар Николоски, кој уште на почетокот од мандатот ја најави можноста за воведување градски воз.
Министерот Николоски деновиве потврди дека, конечно, ќе се реализира најавениот проект „Градски воз“ и дека првата линија од Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, па сè до Железничката станица – Скопје, очекува да биде во функција до крајот на годинава.
– Се работи за голема инвестиција од педесетина милиони евра вкупно, за трите градски линии. Но имаме сериозна агенда и брзо ќе ја реализираме – истакна Николоски.
Тој информираше дека е завршена физибилити студијата и дека за да се реализира целиот прстен како што е замислен, со три полукруга, потребни се околу педесет милиони евра.
– Дел од тие средства се обезбедени во буџетот за оваа година и ЈП „Железници инфраструктура“ наскоро, за еден месец, ќе објави тендер за изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфраструктурата што ќе се користи. Тоа ќе биде линијата од Зелениково, преку населбата Драчево, границата е поставена кон населбите Аеродром и Кисела Вода и завршува на Новата железничка станица. Очекуваме до крајот на годинава да биде готова, имаме многу брза агенда и првата делница Зелениково – Драчево – Аеродром – Кисела Вода – Железничка Скопје да ја имаме пред Нова година. Паралелно, ќе ги работиме и другите два прстена – објасни Николоски.
Како што кажа, паралелно со ова, се работи и на постапката за набавка на 120 нови еколошки автобуси.
– Ќе направиме синергија со ЈСП. На барање од Град Скопје и од другите општини, во финална фаза сме на подготовка на тендер за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 за Градот Скопје. Кога ќе ги споите градскиот воз и новите модерни автобуси, јавниот превоз во Скопје ќе биде на повисоко ниво отколку што е сега и очекувам резултатите да бидат до крајот на оваа или почетокот на следната година – заклучи Николоски.
(А. П.)