Со градски воз на шини се враќа изместениот ред во јавниот сообраќај 

3165

Скопјани сметаат дека воведувањето градски воз би можело да влијае врз намалувањето на сообраќајниот метеж и на загадувањето. Нагласуваат дека овој градски воз би бил едно од ретките превозни средства во Скопје што се целосно издвоени од сообраќајниот метеж, кој го создаваат автомобилите на коловозите, а потенцијално единствено превозно средство со голем капацитет на кое може да се потпре патникот при планирањето на својата маршрута. Како што беше најавено, првата линија на градскиот воз  ќе почнува во Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, па сè до Железничката станица – Скопје и се очекува да биде во функција до крајот на годинава

 

Идејата за градски воз во Скопје, чија реализација ја планира Владата, наиде на позитивни реакции. Скопјани сметаат дека воведувањето градски воз би можело да влијае врз намалувањето на сообраќајниот метеж и на загадувањето. Како што беше најавено, првата линија на градскиот воз ќе почнува во Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, па сè до Железничката станица – Скопје и се очекува да биде во функција до крајот на годинава.

И групата велосипедисти од „На точак“, која правеше таков експеримент пред извесно време, вели дека дополнителна придобивка е што се планира вклучување во постојниот јавен превоз, нешто што беше барано при планирање на скопскиот „бас рапид транзит“. Го поздравуваат и правењето физибилити студија пред да се почне со инвестицијата, нешто што, како што велат, е реткост при планирањето на урбаниот транспорт во Македонија.

– При нашиот експеримент за градски воз од Лисиче до Ѓорче, увидовме дека не се пристапни станиците за лицата што се движат на тркала, лошо се означени и најчесто се надвор од патот. И најважно од сè, очекуваме да се планира простор за паркирање на велосипедите и на станиците и во возовите, како и станици за изнајмување велосипеди во нивна непосредна близина – велат од „На точак“.

Тие нагласуваат дека овој градски воз би бил едно од ретките превозни средства во Скопје што се целосно издвоени од сообраќајниот метеж, кој го создаваат автомобилите на коловозите, а потенцијално единствено превозно средство со голем капацитет на кое може да се потпре патникот при планирање на својата маршрута. Тие сметаат дека позитивна работа со градскиот воз на постојната железничка мрежа се неговата брзина и временската сигурност, но забележуваат дека станиците речиси секогаш се во ретко населени места и оти е потребно и второ превозно средство за стигнување до конечната дестинација.

– Велосипедот е одлична опција за „последниот метар“, бидејќи речиси сите дестинации се од еден до пет километри од железничките станици – децидни се од „На точак“.

Оттаму се надеваат дека навистина летово ќе се почне со изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфраструктурата и посочуваат дека мора да се обрне внимание на пристапноста на железничките станици.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека, конечно, ќе се реализира најавениот проект.

– Се работи за голема инвестиција од педесетина милиони евра вкупно, за трите градски линии. Но, имаме сериозна агенда и брзо ќе ја реализираме – истакна Николоски.

Тој информираше дека е завршена физибилити студијата и дека за да се реализира целиот прстен како што е замислен, со три полукруга, потребни се околу педесет милиони евра.

Како што кажа, паралелно со ова, се работи и на постапката за набавка на 120 нови еколошки автобуси.

– Ќе направиме синергија со ЈСП. На барање од Град Скопје и од другите општини, во финална фаза сме со подготовката на тендерот за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 за Градот Скопје. Кога ќе ги споите градскиот воз и новите модерни автобуси, јавниот превоз во Скопје ќе биде на повисоко ниво отколку што е сега и очекувам резултатите да бидат до крајот на оваа или почетокот на следната година – заклучи Николоски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ