Управата за јавни приходи ќе ги чешла градежните компании. Даночните инспектори ќе влегуваат во секоја компанија и ќе ги проверуваат продажбата на станови во готово, реалната вредност на објектите, пријавените приходи… УЈП го идентификува градежниот сектор како многу ризичен, особено во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово. Градежните експерти ја поздравуваат акцијата на УЈП и сметаат дека треба да ѝ се стави крај на градежната мафија во државава. Тие посочуваат дека преку градежниот сектор најлесно се легализираат црните пари и дека во државава постојат многу инвеститори што еднаш ќе се појават на пазарот, а потоа ги нема.
– Максимална поддршка за активностите што ги почна УЈП, затоа што потеклото на парите не може да биде недефинирано. Со пари за кои не се знае од каде доаѓаат, ги нарушија правилата во бизнисот и во градежништвото. Неосновано и без економска логика ги креваат цените за откуп на земјиштето за градба и процентот на соинвеститорство и заедничка градба со сопствениците на земјиштето. Порано сопствениците на земјиштето добиваа 25, а сега 40 отсто од изградената површина. Тоа упатува на фактот дека на инвеститорите им се важни два момента. Прво, да ги легализираат црните пари, кои преку градежништвото најлесно се легализираат. На инвеститорот не му е важно колкав процент од изградениот објект ќе му отстапи, туку му е важно да ги легализира парите – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт и сопственик на градежна компанија.
Тој додава дека инвеститорите потоа ги креваат цените за квадратен метар станбена површина, бидејќи им отстапиле многу на сопствениците на земјиштето. За да не отиде во загуба, инвеститорот ги дига цените на становите и на крај крајниот потрошувач го плаќа тоа.
– Ова се инвеститори во градежништвото, не се градежни компании. И мора да се разграничи тоа. Тоа се фирми или поединци што се занимаваат со други бизниси и преку градежништвото ги перат парите. Тие инвеститори немаат надзор на градбата. Имаат само фиктивен договор за надзор, а фирмите им се без раководител на објект. Поради тоа, почна да се става прашалник за квалитетот на градбите. Има повеќе случаи каде што инвеститорите го пробиле крајниот рок и не може да го внесат објектот во катастар од причина што прават измени во текот на градбата, кои отстапуваат од првичниот план за градба. Сопствениците на станови, пак, не можат да добијат имотен лист.
Градежните експерти апелираат до граѓаните да внимаваат кај кој инвеститор купуваат стан. Дали има градежна фирма, дали претходно има градено, дали има искуство во градежништвото, дали има извадено имотен лист за претходните објекти… Тие посочуваат дека најчесто инвеститорите, односно фирмите што градат еднократно, потоа не го почитуваат гарантниот рок за поправка на градбата, кој изнесува две години.
Инспекторите од УЈП ќе ги проверуваат продажбата на објекти по истекувањето пет години од нивната изградба, договорите со нереално ниска продажна вредност, непријавените вработувања и ангажмани, разликите меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба, издавањето фактури без прибелешки во јавните книги, како и неправилната примена на механизмот за пренос на даночна обврска.
– Целта на овие контроли е откривање и санкционирање на даночните неправилности, заштита на буџетските приходи и обезбедување фер услови за сите учесници на пазарот – велат од УЈП и апелираат градежните компании и инвеститори да ги преиспитаат своите финансиски и даночни политики.
Од Управата информираат дека овој пристап имаат цел да го поттикнат одговорното однесување на даночните обврзници од градежниот сектор и да се создадат услови за доброволна усогласеност, што е во интерес и на обврзниците и на јавните финансии.
Оттаму потсетуваат дека согласно со важечките законски прописи, првиот промет на станови во рок од пет години по изградбата подлежи на оданочување со повластена стапка на ДДВ од 5 %. По истекувањето пет години, прометот е ослободен од ДДВ, но без право на одбивање на влезниот данок, што подразбира обврска за корекција кај обврзниците, кои претходно го одбиле.
Управата за јавни приходи достави 318 персонализирани известувања до целните даночни обврзници од градежниот сектор, со кои ги повика да извршат корекција на одбивањето на влезниот данок на додадена вредност (ДДВ) во вакви случаи.
(А. С.)