Општина Битола активно инвестира во развој на инфраструктурата и во модерни содржини кои ја зголемуваат туристичката понуда и го претвораат Потпелистерието во дестинација за доживување во сите четири сезони. Потпишан е договор за почеток на изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола на потегот од селото Дихово до врвот Пелистер.
– Студијата опфаќа детална анализа на теренот, технички спецификации, можности за летни и зимски активности, како и планирање на инфраструктурата со цел развој на Пелистер како дестинација за сите четири сезони – соопштија од Општина Битола.
Оттаму додаваат дека е обезбедена поддршка и за дополнителни содржини во рамки на Националниот парк, меѓу кои изградбата на Авантуристички парк на Пелистер. Паралелно со тоа, продолжува реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, еден од симболите на битолското планинарство, кој со своето обновување повторно ќе стане омилено собиралиште на љубителите на планината.
Воедно, во текот на зимскиот период, Општината во соработка со ЈП „Пелалинк“ овозможи бесплатен превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, кој го искористија преку 600 граѓани, најмногу млади љубители на зимските спортови.
– Општина Битола продолжува да инвестира во инфраструктурата, туризмот и во животната средина, создавајќи предуслови Пелистер да стане дестинација која инспирира и привлекува посетители во текот на целата година – нагласуваат од локалната самоуправа.












