Претставата „Франкенштајн“ во режија на Кокан Младеновиќ, на Театарот за деца и младинци – Скопје, ќе биде изведена во рамките на детската програма „Мали МЕСС“ на 65. Интернационален театарски фестивал МЕСС, кој се одржува од 4 до 11 октомври, во Сараево, БиХ. Годинашниот „Мали МЕСС“ носи програма специјално креирана за тинејџерската публика, за која влезниците се бесплатни, а „Франкенштајн“ ќе се одигра на 8 октомври, со почеток во 18:00 часот, во Позориште младих Сарајево.
„Франкенштајн“ е современа сценска адаптација, која ги спојува естетиката на куклениот театар, живата изведба и музичко-поетската експресија, создавајќи возбудливо и ангажирано сценско доживување за младата публика.
Продукцијата на ТДМ користи мотиви од класичната приказна за „Франкенштајн“ на Мери Шели, како појдовна точка за современа сценска истражувачка авантура. Претставата поставува прашања за различноста, дискриминацијата и за начинот на кој општеството ги создава своите „чудовишта“, давајќи им глас на маргинализираните и на потиснатите. Во претставата настапуваат Ангела Димитрова, Матеа Јанковска, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Никола Наковски, Наташа Петровиќ и Симона Спировска од ансамблот на Театарот, а текстот е колективно создаден од режисерот Младеновиќ, драматурзите Драгана Лукан Николоски и Димитрије Коканов и од актерската екипа. Кирил Василев е сценограф, Александра Пециќ Младеновиќ – костимограф, Лука Кантарџиев – композитор, а Никола Ристески и актерската екипа се потпишуваат како автори на текстовите за музиката. За кореографијата беше задолжена Олга Панго.
Претставата на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2024) ја освои наградата за современа сценска драматизација и адаптација, признание што ги потврдува нејзината оригиналност и нејзината актуелност. Со гостувањето во Сараево, Театарот за деца и младинци – Скопје продолжува да ја афирмира македонската современа театарска продукција на меѓународната сцена и да го претставува својот препознатлив сценски потпис пред младата публика во регионот.