Oд 15 до 18 октомври во Скопје по 4. пат ќе се одржи Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на Театарот за деца и младинци од Скопје. – Од повеќе од 40 претстави, годинава е направен специјален избор на шест претстави кои се во официјалната конкуренција, освен „Франкенштајн“, која се прикажува на свеченото отворање на фестивалот. Направена е селекција на претстави кои се занимаваат со не толку розoви светови како што сме навикнати да ги гледаме во детско-младинската театарска продукција, односно претстави кои зборуваат за многу суштински теми со кои денешните млади генерации се соочуваат, како што се нивните љубовни предизвици, нивните анксиозности, нивната отуѓеност во денешното време, рече Игор Ивковиќ, член на Советот на фестивалот

Под слоганот „Сцена за сечиј сон“ од 15 до 18 октомври во Скопје по 4. пат ќе се одржи Интернационалниот фестивал на детски театри, „Игор Маџиров“, во организација на Театарот за деца и младинци од Скопје, а кој пред македонската публика ќе донесе престави од повеќе регионални детски театри.

Фестивалот на 15 октомври во 19 часот ќе се отвори со младинската претстава „Франкенштајн“ во режија на Кокан Младеновиќ на ТДМ, која деновиве ја освои наградата на публиката во рамките на програмата „Мали МЕСС“ на 65. издание на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС во Сараево, БиХ. Ова е современа адаптација на романот на Мери Шели, која ја преиспитува границата помеѓу човекот и чудовиштето, и улогата на заедницата во нејзиното поставување, моделирање и управување.

Како што истакна на денешната прес-конференција в.д. директорката на Театарот за деца и младинци, Фросина Карловицс, наградата што ја доби „Франкенштајн“ е многу важна бидејќи публиката е таа што наградува, и таа која го препознава квалитетот на претставата.

На фестивалот ќе се изведат седум претстави од регионот, наменети за деца и младинци, кои публиката, освен во Театарот за деца и младинци, ќе може да ги види и на сцените на Албанскиот театар и на Театарот Комедија во Скопје.

– Од повеќе од 40 претстави, годинава е направен специјален избор на шест кои се во официјалната конкуренција, освен „Франкенштајн“, која се прикажува во чест на гостите и на свеченото отворање на фестивалот. Слоганот „Сцена за сечиј сон“ ни е инспирација од творештвото на познатата македонска писателка за деца и возрасни, Оливера Николова. Направена е селекција на претстави кои се занимаваат со не толку розови светови како што сме навикнати да ги гледаме во детско-младинската театарска продукција, односно претстави кои зборуваат за многу суштински теми со кои денешните млади генерации се соочуваат, како што се нивните љубовни предизвици, нивните анксиозности, нивната отуѓеност во денешното време, рече Игор Ивковиќ, член на Советот на фестивалот.

Како што додаде тој, во име на селекторката на фестивалот, Драгана Милошевски-Попова, „претставите се занимаваат со ликови и мигови кои го отсликуваат нашето денес и кои поставуваат прашања, а не вртејќи глава на спротивната страна и се занимаваат со развивање на доверба, солидарност, емпатија, одговорност, откривање и разбирање кон сите други култури кои не ни се познати и чии јазици не ги зборуваме“.

На вториот фестивалски ден (16 октомври) ќе се изведат претставите „Играј со мене!“ на Андреј Бока во продукција на Детскиот театар од Суботица, Србија (11 ч) која потсетува дека вниманието и времето се највредните подароци за секое дете и „Малата Фрида“ на Аница Томиќ, продукција на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб, Хрватска (19,30 ч) која е приказна за детството на Фрида Кало, но и за храброста да се биде различен. Двете претстави се наменети за деца над 4, односно 5 години и ќе се прикажат во Албанскиот театар во Скопје.

На 17 октомври следуваат претставите „Свадби на животни и нешта“ на Театарот „Сенки и облаци“ од Македонија (11 и 13 часот) и „Прозорецот“ на Давид Зуазола во продукција на Театарот за деца и младинци од Темишвар, Романија (19,30 часот). Првата претстава е наменета за деца над 5 години, а втората за деца над 12 години, и ќе се прикажат во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Последниот фестивалски ден (18 октомври) започнува со „Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ во продукција на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија, визуелно богата претстава за детската тага и за начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување (12 часот, Театар Комедија), намената за деца над 8 години. Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот театар „Хоп Сињор“, што е храбра, апсурдно-хумористична претстава со свеж сценски јазик, која ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието (19, 30 часот), наменета за младинци, над 14 годишна возраст и ќе биде прикажана во ТДМ.

Во рамки на придружната фестивалска програма, пак, ќе се одржат драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст“, со Ева Камчевска како нејзин модератор (16 октомври); работилницата за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Ќецојевиќ (17 октомври); и креативната работилница „Како се прави кукла“, водена од Ирина Сомборац (18 октомври). Сите три работилници се наменети за младата публика, ученици и млади креативци.

На фестивалот сите претстави, освен „Франкенштајн“, ќе се натпреваруваат за Гран при, потоа за награда за режија, две актерски награди, наградата за костимографија и за сценографија, а жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ). Детското жири, пак, ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.

Како што додаде Катарина Илиевска-Силјановска, член на фестивалскиот Совет, фестивалот го доживува особено емотивно бидејќи го основале пред четири години со името на нивниот драг и никогаш непрежален колега, актерот Игор Маџиров. Таа истакна дека е потребно поголемо интересирање за детскиот, особено за куклениот театар во нашата земја, од страна на детската, младинската и на возрасната публиката, што е, всушност, тренд на европските театарски сцени. За потребата од подигнување на свеста за театрите за деца и младинци и куклените театри од страна на релевантните институции, пак, проговори и актерот од ТДМ, Никола Наковски.

Како што беше истакнато, цената за билетот за фестивалот е симболични 150 денари, со цел повеќе да се привлече младинската публика.

Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и туризам со 600 илјади денари, а ќе го отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ