Со концерт на групата „Фонтана“ и на пејачката Гамзе Матраџи од Турција, на 27 ноември (20 часот) во Центарот за култура во Битола стартува 17. издание на фестивалот „Музика од светот“. Под годинашното мото „Уметноста на звукот“, публиката ќе има можност да ужива во средба на култури, јазици и звуци што се спојуваат во едно единствено чувство: музиката како универзален јазик на човештвото. За пет вечери, колку што ќе трае фестивалот, ќе се одржат седум концерти.
Како што истакна директорот на Центарот за култура во Битола, Сашо Илковски, ова издание го истражува просторот меѓу тишината и вибрацијата, меѓу интонацијата и емоцијата.
„Звукот не е само средство за изразување, тој е форма на уметност што допира подлабоко од зборот, што ја создава врската меѓу слушателот и изведувачот, меѓу традицијата и модерноста, меѓу локалното и светското…“, истакна Илковски најавувајќи го фестивалот.
Инаку, групата „Фонтана“, со која почнува фестивалот, 25 години остава печат на македонската и на балканската сцена преку спој на традиционална музика со рок, метал, фанк и фјужн елементи. Гамзе Матраџи, пејачка родена во Измир со корени од Велес, е позната по својот широк репертоар што ги спојува турската, македонската, ромската, албанската, босанската, грчката и српската традиција.
Благојче Трајковски, фронтменот на групата „Фонтана“, најави дека настапот ќе биде исполнет со претежно македонска музика, но и со избор од турскиот репертоар на Гамзе, со уникатен аранжман специјално подготвен за оваа вечер.
Во петте фестивалски вечери, публиката ќе ужива во етномузика и во музика од целиот свет, камерни изведби и експлозивни сценски настапи.
На сцената ќе настапат: Гамзе и Група Фонтана (Македонија/Турција), Тања Царовска и Камерен оркестар Битола (Македонија), Балкан Зоо и Нина Чориќ (Хрватска), Коза Мостра (Грција) и Гамазда (Русија).
Покрај петте фестивалски вечери, ќе бидат одржани и два значајни концерти во рамките на ОФФ-програмата. На 29 ноември (18 ч.) ќе се одржи концертот на Јован Милошевски – „Мајчин јазик“. Музичкиот свет на овој битолчанец се протега од класичните концертни сали низ Европа, па сè до модерните џез и рок сцени.
Ако сте љубители на моќниот звук од златната ера на рокенролот, 30 ноември (22 часот) е резервиран за вистинска експлозија на енергија. Вечерта е резервирана за ERUPTION (The Doors tribute) – хипнотични ритми, мистична атмосфера и звук што нè носи директно во ерата на Морисон.












