Со филмови и концерт во Скопје ќе се одбележи Денот на културата на Јапонија

28

Со проекција на филмови и со концерт на традиционална јапонска музика, неделава во Скопје и во Битола ќе биде одбележан Денот на културата на Јапонија.

Со Денот на културата (Бунка Но Хи), на 3 ноември во Јапонија се прославуваат слободата и мирот, промовирајќи ги културата, уметноста и науката. Денот се одбележува со разновидни настани, меѓу кои и церемонија за доделување орден за култура во Царската палата во Токио, а добитници се личности со извонреден придонес во науката, уметноста и во културата. Во текот на таа недела, се одржуваат многу фестивали за уметност и за култура.

Одбележувањето во Македонија ќе почне во вторник во 19:00 часот, во Музејот на македонската борба, со традиционален нихон минјо концерт. Ќе следува филмска програма во Кинотеката на Македонија.

Сите проекции ќе почнат во 19:00 часот, освен на филмот за најмладата публика „Пингвински автопат“, кој ќе биде прикажан на 15 ноември во 11:00 часот.

На 13 ноември, во Кинотеката ќе се одржи проекцијата на „Под отворено небо“. На 14 ноември, на програмата е „Нико од рибарското пристаниште“, а на 15 ноември ќе се одржи проекцијата на „Вотакои: љубовта е тешка за отаку“. На 17 ноември, публиката ќе го види „Изнајми мачка“, а ревијата во Скопје ќе заврши на 18 ноември, со „Бурманската харфа“.

Филмската програма ќе продолжи во Битола, на 19 ноември, со проекција на филмот „Под отворено небо“, а на 20 ноември ќе биде прикажан „Бурманската харфа“.

Манифестацијата е организирана од Амбасадата на Јапонија во земјава.

 

ИЗДВОЕНИ