Светската банка проценува дека на Западен Балкан ќе му бидат потребни најмалку 37 милијарди долари во текот на следната деценија за да изгради отпорност на климатските промени.
– Македонските фирми инвестираат во модернизација на производствените капацитети, постигнувајќи заштеда на енергија до 70 проценти, притоа намалувајќи ја зависноста од фосилни горива, вели во интервју за МИА претставникот на Европската инвестициска банка во земјава, Бјорн Габриел
Во Западен Балкан, како и во Македонија, влијанијата од климатските промени се веќе видливи. Земјата се соочува со зголемување на температурите, почести суши и поплави, сериозно загадување на воздухот во урбаните средини и зголемен стрес за вода поради застарената инфраструктура и ограничените резерви. Светската банка проценува дека на Западен Балкан ќе му бидат потребни најмалку 37 милијарди долари во текот на следната деценија за да изгради отпорност на климатските промени. Ова во интервју за МИА го посочува претставникот на Европската инвестициска банка во земјава, Бјорн Габриел.
Тој потсетува дека ЕИБ во соработка со Развојната банка на Македонија и локалните комерцијални банки преку т.н. зелена кредитна линија инвестираше 100 милиони евра за поддршка на компаниите во задоволување на нивните инвестициски потреби, особено во проекти за енергетска ефикасност и обновлива енергија.
– Оваа иницијатива веќе дава опипливи резултати, односно македонските фирми инвестираат во модернизација на производствените капацитети, постигнувајќи заштеда на енергија до 70 проценти, притоа намалувајќи ја зависноста од фосилни горива – вели Габриел.
Според анкетата за инвестиции на ЕИБ, десет проценти од малите и средните претпријатија во Западен Балкан пријавуваат загуби од природни катастрофи, а зелените инвестиции остануваат ограничени. Тој посочува дека зголемените температури ја зголемуваат побарувачката на електрична енергија за ладење, ги оптоваруваат мрежите и ризикуваат преоптоварување.
– Во земји како Македонија, каде што хидроенергијата е од витално значење, променливите врнежи од дожд и сушите го загрозуваат снабдувањето со енергија. За да се одржи енергетската безбедност, адаптацијата мора да вклучува диверзификација на изворите на енергија, подобрување на ефикасноста на водата и инвестирање во паметни мрежи, складирање и децентрализирани системи за управување со варијабилноста на обновливите извори на енергија – нагласува Габриел.
Според него, Законот за енергетика, што стапи во сила во мај годинава, е навремен и со него се усогласуваат енергетските политики на земјава со Пакетот за чиста енергија на ЕУ, воведувајќи значајни реформи за забрзување на енергетската транзиција и поедноставување на развојот на капацитетите за обновлива енергија.
– Македонија покажа силни амбиции за декарбонизација станувајќи првата држава во Западен Балкан којашто во 2022 година усвои Национален план за енергија и клима, но сепак производството на електрична енергија останува во голема мера зависно од фосилните горива сочинувајќи околу 70 проценти од енергетскиот микс – оцени Габриел.