Во Собранието се спроведува надзорна расправа, каде што еминентни стручни лица даваат свои видувања за постојната состојба со аерозагдувањето и како таа да се надмине. Денеска на прашања на пратениците одговараше премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи повеќе мерки што Владата планира да ги спроведе, како што е набавка на 120 електрични автобуси, далечинско затоплување и изградба на гасни когенеративни централи, кои на краток или на малку подолг рок ќе доведат до намалување на аерозагадувањето
Проблемот со загадувањето на воздухот во земјава е долготраен, а македонските градови, особено Скопје како главен град, неколкупати се наоѓаше на листата топ-10 најзагадени градови во светот. Иако со години и здруженијата и надлежните институции бараат решение за надминување, како и лоцирање на коренот на овој феномен, сепак низ годините се соочуваме со се поголем број на денови во кои се чувствува загаденоста во воздухот. Тоа доведува до неколку илјади смртни случаи годишно, а извештајот на УНИЦЕФ покажа поразителна бројка – секој деветти смртен случај во земјава, кај новороденчиња, е поврзан со аерозагадувањето.
Официјалните статистички податоци на Министерството за животна средина и просторно планирање потврдуваат дека аерозагадувањето постепено се намалува, но впечатокот на граѓаните е дека се прават мали чекори на надеж. И еколошките здруженија постојано бараат институциите да заземат поголем интерес во решавање на овој горлив проблем, но и стратегија за праведна енергетска транзиција со користење на обновливи извори на енергија, зелени алтернативи за транспорт (што возиме, на какво гориво се возиме), како и праведни законски регулативи за ефикасно загревање на домаќинствата.
Краткорочни и долгорочни мерки
На темата посветена на животната средина во Собранието се спроведува надзорна расправа, каде што еминентни стручни лица даваат свои видувања за постојната состојба и како таа да се надмине. Вчера на прашања на пратениците одговараше премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи повеќе мерки што Владата планира да ги спроведе, а кои на краток или на малку подолг рок ќе доведат до намалување на аерозагадувањето.
Како една од мерките што ги посочи Мицкоски е набавка на 120 електрични автобуси, од кои поголемиот дел ќе бидат дадени на „ЈСП“ – Скопје, на кој поголемиот дел од возниот парк вози на „дизел“ кој многу загадува, а по неколку еколошки автобуси ќе добијат и градовите со организиран јавен превоз.
Мицкоски истакна дека преку Министерството за транспорт се подготвуваат условите што ќе бидат наведени во јавната набавка на автобусите.
– Тоа е многу важно не само за главниот град, туку и за останатите општини кои имаат организиран јавен градски превоз и истите пропорционално ќе бидат донирани од Владата, се разбира со целосна инфраструктура за полнење на тие автобуси – најави премиерот.
Тој дополни дека во владина процедура е усогласување на царинските тарифи со ЕУ во делот на увоз на автомобили и автобуси.
– За оние батериски системи, познати во струката како резервоари за полнење на електрична енергија, досега имаме царинска стапка од 15%, додека ЕУ има 2,7%. Со тоа, автоматски секој оној кој сака да инвестира и да придонесе да имаме поздрава животна средина, плаќа многу повеќе од своите колеги во ЕУ. Има низа сетови на мерки во таа насока – нагласи Мицкоски.
Алтернативни начини на затоплување
Придонесот на домаќинствата во аерозагадувањето e голем, а главната причина е што домаќинствата, па и дел од јавните објекти и индустријата во зимскиот период користат секакви средства за греење. Затоа преку зима има проблеми, а нема преку лето.
Мицкоски смета дека е клучно во наредниот период на овие загадувачи да им се понуди алтернативен начин на греење, како што е далечинско централно затоплување и изградба на гасни когенеративни централи, кои покрај електрична енергија ќе произведуваат и топлинска.
– Имаме многу јавни објекти што сè уште користат фосилни горива за затоплување. Тоа говори дека во изминатите децении малку или речиси ништо не е направено во делот на борбата за почист воздух. Што се однесува до домаќинствата, не треба да се обвинуваат бидејќи никој не им обезбедил алтернатива. Централен систем на греење има само во Скопје и во некои општини каде инсталираат гасни котли за затоплување на јавни објекти – истакна Мицкоски.
За решавање на проблемот со користење на фосилните горива за затоплување, тој смета дека потребно е да се изградат когенеративни гасни централи.
–Но, за сето тоа да се случи потребна е и подземна инсталација за да може таа топла вода да дојде до домаќинствата, до јавните објекти и до индустриските објекти. Аерозагадувањето може да се надмине со реализација на овие проекти и ако се работи на свесноста на сите чинители во општеството. Во годините кои следат дел од овие проекти за дел од општините ќе се реализираат и ќе обезбедат почиста и поздрава животна средина. Некои проекти ќе можат веднаш да се реализираат, за други е потребно време, но клучно е обезбедување на алтернатива за затоплување – рече премиерот.
Тој очекува со завршување на процесот на секундарна и терцијарна гасификација де се донесе гас до домаќинствата кои што потоа ќе можат да инсталираат парни котли и со топла вода да ги затоплуваат домовите.
– Тоа може да го направиме само со организиран настап. Вториот начин е, за што не сум голем поборник, е да субвенционираме инсталирање на инвертер-клима уреди, или пак субвенционирање на топлински пумпи, кои што би ги вградиле во своите домови, а со кои што тие понатаму би продуцирале затоплување и ладење на домот. Кога станува збор за затоплувањето, јас сум повеќе за далечинско затоплување, можеби ќе треба повеќе време, но кога тоа ќе се заврши тоа значи дека сигурно имаме далечинско затоплување и сигурно имаме најевтин ресурс за затоплување на нашите домови – повтори Мицкоски.
Ќе се електрифицира пругата од Скопје до Гостивар
По пругата од Скопје до Кичево возови не сообраќаат подолго време. За повторно да се стави во функција, премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се направи нејзина модернизација, а во плановите е електрификација на делницата од Скопје до Гостивар.
Тој потсети дека со 2,2 милијарди евра од парите што Македонија ќе ги добие од Обединетото Кралство ќе се модернизира и реконструира пругата од Табановце до Гевгелија за да може возовите многу побрзо да се движат, како и дека ќе се гради уште еден паралелен колосек на оваа пруга.
– Работите се движат. Не може преку ноќ да ги завршиме сите работи кои со децении стоеле, но ценам дека во овие 11 месеци доста од работите се придвижија – заклучи премиерот Мицкоски.
(А.П. – С.Бл.)