Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар, вечерва од 20.45 часот на домашен терен го пречекува бундеслигашот Мелсунген во рамките од 2. коло од втората фаза на Европската лига.
„После воведниот пораз од Бенфика, знаевме дека ова е важен меч за нас. Добро ја познавемае силата на Мелсунген и се спремаме за нив. Нема што многу да се каже. Квалитетна екипа, има добар тренер и играат заедно неколку сезони. Наша цел се две победи на домашен терен, со кои би обезбедиле осминафинале, тоа е наш прв план. За да се реализира тоа, не чека тежок дуел. Се надевам дека после тешка недела која е зад нас и победата над Алкалоид во саботата, со Мелсунген ќе имаме полна сала, и ние на терен и навивачите на трибина ќе направиме атмосфера, и задоволни со два бода ќе го завршиме овој натпревар, изјави тренерот на „црвено – црните“ Иван Чупиќ.
Тој се осврна и на мечот со Бенфика, кој „црвено – црните го загубија со 40:35.
Реалност е дека виновен за поразот од Бенфика сум јас и преземам одговорност. Со 20 технички грешки и 40 примени голови не треба да си паметен многу за да знаеш каде е причината за поразот. Мора да го прифатиме тоа и со многу работа да го поправиме. Мислам дека мојата екипа два дена подоцна против Алкалоид покажа и карактер и желба и одговорност кон дресот што го носат. Следна цел е Мелсунген и размислуваме на тоа“, додаде Чупиќ
Централниот бек на „црвено – црните“ Словенецот Јака Малус, пак верува во позитивен исход на мечот со будеслигашот, особено по победата над Алаклоид во рамите на Суперлигата.
„Сите знаеме што е екипата на Мелсунген, но мислам дека после мечот во Автокоманда покажавме дека имаме карактер, после еден пораз не паднавме, не сме заборавиле да играме ракомет. Мораме да одиме на победа, заслужуваме да имаме полна сала, со таква атмосфера ќе ни биде полесно. Екипите во Германија не знаат што значи ваква атмосфера, навивачите може да ни помогнат и да победиме на мечот и да направиме чекор кон нашата цел, вели Малус (С.Т)
.












