Пензионираниот командир на смена во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Среќко Циневски, вели дека зголемениот број пожари се должи на временските услови, односно на високите температури, поради што се суши вегетацијата.
– Порано, не секоја година имало толкав број пожари, знаело и да заврне. Ако две недели било топло и суво времето во текот на летото, наредните две ќе заврнел дожд, што ја ублажувало појавата на пожари. Во последниве години, летото буквално е временска непогода – објаснува Циневски.
Тој нагласи дека за гаснење вака голем број пожари се потребни поголем број искусни пожарникари
Пожарите повторнo ja пустошат Македонија, а сувото и многу топло време им оди само во прилог. Тоа особено се случува последниве години.
Пензионираниот командир на смена во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Среќко Циневски, вели дека зголемениот број пожари се должи на временските услови, односно на високите температури, поради што се суши вегетацијата.
– Порано, не секоја година имало толкав број пожари, знаело и да заврне. Ако две недели било топло и суво времето во текот на летото, наредните две ќе заврнел дожд, што ја ублажувало појавата на пожари. Во последниве години, летото буквално е временска непогода – објаснува Циневски.
Тој нагласи дека за гаснењето вака голем број пожари се потребни поголем број пожарникари.
– Пожарникарите треба да се пуштат не тогаш кога ќе се разгори огнот, туку на самиот почеток од неговото настанување. Тие треба постојано да се присутни и да ја следат неговата состојба. Воопшто не треба да има застој. Ако има потреба, ќе се повикаат и други луѓе – истакна Циневски.
Тој додава дека шумските пожари и пожарите на сува трева не се гаснат прекуден, туку рано наутро, од 2:00 до 8:00 часот, а дотогаш ангажираните екипи треба да бидат присутни.
Во врска со јавниот повик на Владата за ангажирање 400 невработени лица како пожарникари во државата, за што 14 општини што се опфатени со оваа мерка распишуваат огласи, тој вели дека, можеби, има многу заинтересирани, за што беше продолжен јавниот повик, кој трае до денеска, но тие треба да имаат искуство и знаење.
– Прво, требаше да се повикаат стручни лица што имаат искуство во гаснењето пожари – смета Циневски.
Тој објасни дека обуката за гаснење шумски пожари теоретски трае два дена, додека сето друго е практична работа.
Циневски е во пензија речиси една година и вели дека ниту една акција на пожарникарите не поминала без него, така што и не може да ги изброи пожарите во чие гаснење учествувал.
Денеска, на територијата на државата беа активни седум пожари. Според информациите од Центарот за управување со кризи, до 13:00 часот биле регистрирани вкупно 15 пожари, од кои седум се активни, четири се под контрола, а четири се изгаснати.
Сè уште се активни пожарите во Општина Василево, Радовиш и во Берово – село Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што горат нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Потоа во Општина Македонски Брод – меѓу селата Локвица и Крапа, каде што горат деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во Општина Прилеп – село Бешиште, на местото викано Бешишки Рид, каде што гори ниска вегетација, во Општина Желино – меѓу селата Церово и Групчин, каде што горат нискостеблеста и деградирана шума, како и во Општина Демир Капија, близу тунелите на автопатот Е-75, каде што горат ниска вегетација и стрниште.
Под контрола се ставени пожарите во Општина Македонски Брод – село Латово, во селото Шурленци во Општина Ресен, потоа во Општина Прилеп – меѓу селата Царевиќ и Смолани и во селото Штавица – кон селата Шумово, Волково и Прилепец. Изгаснати се пожарите во селото Николич, Општина Дојран; во Општина Гостивар – село Беловиште; во Општина Велес, кај селата Џидимирции, Крушје и Иванковци, како и во Општина Куманово – село Речица.
Во попладневните часови избувнал нов пожар во куќа, во центарот на Кочани, на улицата „Браќа Ставрови“, кој се проширил и на соседната куќа (лепенка), информираа од Центарот за управување со кризи.
– Куќите се од збиен тип и можно е дополнително проширување на пожарот. На терен се излезени четири екипи на ТППЕ Кочани и една на ДПД Кочани. На самото место се екипи на МВР и на Итната медицинска помош. Не е побарана помош од Главниот штаб – соопштија од ЦУК.
Битката на Готен продолжува – двесте луѓе во војна со огнените јазици
Голем број луѓе и механизација се ангажирани во гаснењето на пожарот на планината Готен. Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Национални шуми“, вели дека битката со огнената стихија се води од три страни.
– Овде се работи за пожар кој пет дена успевавме да го држиме во еден контролиран простор, но од понеделник тој излезе од контролираните граници и сега ни се шири на два крака на беровска страна, два крака кон радовишка страна и сè уште е активен внатре во кругот, каде што дел сè уште е под контрола на пресеките – посочува Михаилов.
Од страната на Берово, ангажирани се вкупно 113 луѓе во борбата со пожарот, и тоа 40-мина припадници на АРМ, 30-мина вработени во ЈП „Национални шуми“ и 22 работници на фирмата БИ ГРУП – Пехчево, како и осуммина пожарникари од ТППЕ Берово, 12-мина пожарникари доброволци од Пехчево и од Делчево, како и еден возач на „пинцгауер“ од МВР.
– Со овие копнени сили, имаме пет специјални возила, три теренски, два камиона со по четири тони вода, по едно комбе, пинцгауер, четирицкл, а работат и еден булдожер, два трактора, еден ЛКТ и неколку камиони на АРМ, едно санитетско возило и неколку цистерни со вода – вели Михаилов.
Од страната на Радовиш, пак, кракот што влече низ Мангрите кон Смиљанци, е бранет, со 30 луѓе и две специјализирани возила, неколку теренски и два камиона на АРМ.
Кракот над селото Злеово, Општина Радовиш, го бранат девет луѓе, едно специјализирано возило и едно теренско.
Страната на Василево над браната „Турија“ ја бранат 34 луѓе со помош на три специјализирани возила, џипови, пинцгауер, четирицикли и неколку крос- мотори.
– Помош на оваа пешадија од воздух на сите страни ѝ дава хеликоптерот на МВР – БЕЛЛ 412, а веднаш по неговото повлекување, ќе почнат да дејствуваат двата „ер трактора“ на ДЗС. Покрај пинцгауерите, кои се веќе неколку дена овде, а ќе стигнат и неколку БТР-и хермелини кои ќе помогнат во борбата со овие огромни огнени стихии. Заедно со локалните жители, кои помагаат логистички, со огнените јазици на Готен се бори пешадија од преку двесте луѓе, помогната од огромен број специјализирани возила, еден хеликоптер и двата „ер трактора“ – посочува Михаилов.
Локални жители им носат храна и вода на пожарникарите, војниците, доброволците
Локалните жители сè повеќе се приклучуваат или им носат храна и вода на пожарникарите, војниците и на другите ангажирани лица во пожарот на Готен.
Струмичанецот од селото Вељуса, Никола Ефтимов, кој е на привремена работа во Словенија, а моментално е вратен во родниот крај, во понеделникот ги посети војниците на Готен, кои се справуваат со големите огнени стихии и им подели храна и вода.
– Иако сите општини, Василево, Берово и Радовиш и државата преку своите механизми и јавни претпријатија обезбедуваат доволни количини јадење и вода, сепак, ваквите донации се повеќе од добредојдени ако се знае дека на терен, повеќе од 12 часа на температури од преку 45 Целзиусови степени се борат повеќе од 200 пожарникари, војници, шумари, ловџии и други доброволци. Примерот на Никола е пример што треба да го следат многумина затоа што тие луѓе што се борат горе, нема како да ги платиме, освен да им покажеме дека го гледаме нивниот влог и сме им благодарни за тоа од дното на душата – вели Кире Михаилов, заменик-директор во ЈП „Национални шуми“.
(А. П.) – (С. Бл.)