Отворањето на 16. „МакеДокс“ ќе се случи вечерва, на 21 август, од 20:30 часот, во Куршумли-ан. На програмата се краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре.
Филмот „Бардо“ (Чешка, Словачка/2025/27 мин.) носи длабок здив со искуства што навлегуваат уште подлабоко и темна амбиентална музика како придружник. Инспирирана од бардо, тибетско име за граничната состојба помеѓу смртта и повторното раѓање, авторката Вјера Чакањова тргнува на фасцинантно метафизичко патување кон темнината. Преку генеративна анимација, таа ги придвижува и материјата и мислите. На крајот, се чини дека најголемиот предизвик е враќањето во реалноста.
Долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ (Данска, Шпанија / 2025 / 92 мин.) на Робин Петре е неверојатно примамливо и визуелно впечатливо патување во Јужна Галиција, една од најранливите зони на шумски пожари во Европа. За време на најжешкото лето досега, и луѓето и животните се борат со околностите како што наближуваат неизгасливите пожари.
На отворањето на фестивалот во Куршумли-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, со почеток од 23 часот, концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими.
Мухамед Ибрахими е мултиинструменталист на жичени инструменти од Скопје, познат по својот неконвенционален, интуитивен и длабоко инспиративен пристап кон гитарата, мандолината и сазот (традиционален долговратен жичен инструмент). Неговата музика спојува различни стилови – блуз, рок и амбиент – но останува цврсто вкоренета во ориенталната (суфи) традиција и албанско-балканскиот фолклор. Преку оваа смела, но елегантна фузија, Ибрахими создава уникатни звучни пејзажи каде што се појавуваат изненадни хармонии, нудејќи му на слушателот автентично и восхитувачко музичко доживување. Полноќната музичка програма ќе продолжи со диџеј-сет на Шурбе.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе трае до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“, а ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања и присуство на околу 100 гости од странство.