вторник, јануари 20, 2026
Дома СКОПСКА Со дигитални уреди ќе се мери бучавата во Центар

Со дигитални уреди ќе се мери бучавата во Центар

36

Oпштина Центар почна со поставување 30 дигитални уреди за мерење на бучавата на најфреквентните локации во градот, со цел континуирано следење на нивото на звук и обезбедување податоци за брзо и ефективно постапување.

Според градоначалникот Горан Герасимовски, 19 од овие уреди веќе се инсталирани.

– Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено им обезбедуваме материјал на нашите инспекциски служби за постапување – истакна Герасимовски.

Досега се поставени уреди во Дебар Маало, на улиците „Орце Николов“, „Мирослав Крлежа“ и „Отон Жупанчиќ“, како и на „Боемска 1“ и на „Боемска 2“. Во следните месеци, системот ќе се прошири со дополнителни уреди на улицата „Ленинова“, во населбите Капиштец и Буњаковец, на кејот 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на Кале.

– Целта е да се покријат сите критични зони погодени од прекумерна бучава и да се обезбеди подобар квалитет на живеење за граѓаните –велат од Општина Центар.

Проектот е прва фаза од пошироката стратегија на Општина Центар за континуирано следење и намалување на бучавата, со користење современ софтвер, кој овозможува точно мерење во реално време. Општината најавува дека јавноста ќе биде редовно информирана за следните активности и дека ќе се воведуваат современи решенија за трајно справување со овој урбан проблем.

 

ИЗДВОЕНИ