Во просториите на Јуроп Хаус во Скопје се одржа дводневна конференција посветена на создавање на зелени работни места во Македонија. Настанот, организиран од страна на австриското сојузно министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, во соработка со Австриската амбасада во Скопје, собра експерти за управување со отпад и и високи владини претставници за да разговараат за можностите за одржливо вработување и транзицијата кон циркуларна економија.

Андреас Опелт, член на одборот и директор на Саубермахер, даде увидлив преглед на широкиот спектар на можности за зелени работни места што ги нуди секторот за управување со отпад – од работници и возачи, до оператори на специјализирана опрема, хемичари, истражувачи, административен персонал и менаџерски позиции.

Опелт ја претстави и моменталната состојба на работењето во Саубермахер Тетово, истакнувајќи ги придобивките за вработените, идните развојни планови и новите можности кои компанијата. Тој дополнително ја истакна важноста на напредувањето низ клучните фази на процесот на управување со отпад со цел примена на принципите на циркуларната економија и да се постигне средина во која вреди да се живее.

Претставниците од Man & Mountain Skopje, Ханес Јаекл и Гордана Софија ја споделија успешната приказна на „Генералка Викенд“ – најголемата еко-иницијатива во Северна Македонија, организирана годишно. Тие ја истакнаа важноста на соработката меѓу сите засегнати страни – централната и локалната самоуправа, државните институции, невладините организации и академиите – за подигнување на свеста за управувањето со отпад и заштитата на животната средина.

Вајткус Зигимантас, претставник на Европската инвестициска банка (ЕИБ), ја потврди подготвеноста на Банката да поддржи сериозни иницијативи/проекти во областа на управувањето со отпад во Република Македонија, истакнувајќи ја стратешката важност на ваквите иницијативи за одржливиот раст на земјата.

Пленарните сесии, панел-дискусиите и презентациите се фокусираа на потенцијалот за создавање зелени работни места во управувањето со отпад, националните паркови, руралните средини и одржливиот туризам. На настанот учествуваа експерти од Австрија и од нашата држава, како и претставници на министерства, општини, национални паркови, граѓански организации и приватниот сектор.

Во своето обраќање, заменик министерката за животна средина, Ане Лашкоска порача дека зелената транзиција е шанса, а не предизвик.

– Нашата визија е јасна — да создадеме економија што ќе расте во рамнотежа со природата. Зелените работни места се иднината на локалниот развој, а заштитените подрачја се нашата најголема можност за поврзување на економскиот раст со еколошката одговорност – истакна Лашкоска.

Таа нагласи дека заштитените подрачја не треба да се гледаат само како зони со ограничувања, туку како простори на иновација, знаење и нови можности.

– Преку правилно управување, можеме да поттикнеме развој на еко-туризам, органско земјоделство и локални зелени производи кои ја зајакнуваат економијата и ја чуваат природата – додаде Лашкоска.

Во заклучната дискусија, учесниците се согласија дека секторот за управување со отпад има значителен потенцијал за создавање зелени работни места, но ја нагласија потребата од силна посветеност и поддршка од властите, како и поблиска соработка меѓу сите засегнати страни, вклучително и самите граѓани, за да се постигнат долгорочни еколошки и социјални придобивки.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ