Британската матична лекарка и експертка во Националниот центар за мигрена, Кејти Манро, ги сподели своите совети за тоа како да се справат луѓето со секојдневните главоболки, во поткастот „What’s Up Docs“ на Би-би-си. Главоболката е нешто што го доживува речиси секој во одреден момент. Таа може да трае од неколку минути до неколку дена, а болката може да биде остра, тапа, пулсирачка или прободувачка, понекогаш ширејќи се кон скалпот, лицето и дури и кон вратот.
Доктор Ксанд ван Тулекен, водител на велнес-поткастот „What’s Up Docs“ на Би-би-си, разговараше со матичната лекарка и експертка во Националниот центар за мигрена, Кејти Манро, за начините за справување со главоболката.
Ако имате шема на благи, повторувачки главоболки, постојат неколку едноставни работи што може да ги испробате дома.
Користете го кофеинот мудро
Можеби, мислите дека кофеинот е нешто што треба да го избегнувате кога имате главоболка, но д-р Манро вели дека вистината е малку понијансирана. Во мали, внимателни дози, може да ги направи лековите против болка поефикасни, но ако не консумирате премногу кофеин секојдневно.
– Кофеинот е коаналгетик, што значи дека може да ги подобри ефектите на лековите против болка – објаснува д-р Манро.
Таа советува да го избегнувате попладне и навечер бидејќи може да ви го наруши сонот.
Не прескокнувајте ги оброците
Она што го јадете и кога јадете може да направат разлика ако страдате од главоболка. Доктор Манро препорачува да се држите до медитеранската исхрана, богата со протеини, здрави масти и со сложени јаглеродни хидрати, што може да помогне во стабилизирањето на вашите нивоа на енергија.
Треба да ги избегнувате брзоослободувачките шеќерни закуски и дефинитивно не прескокнувајте ги оброците бидејќи тоа може да биде чест предизвикувач.
Доктор Манро посочува дека елиминирањето на млечните производи и на глутенот ѝ помогнало кај главоболките, иако ова не е универзално правило.
Треба да пиете доволно течности во текот на денот за вашата урина да биде бледа, бистра и за да го избегнете чувството на жед.
Избегнувајте ги лековите против болка со кодеин
– Постојат многу работи што можете да ги купите без рецепт, како што се лековите против болка или таблетите против гадење, кои може да бидат корисни при справувањето со главоболката – вели д-р Манро.
Таа вели дека треба да избегнувате сè што содржи кодеин, бидејќи може да ги зачести главоболките и да ги влоши симптомите како гадење.
– Лековите против болка може да влијаат исклучително добро, но зависи од тоа колку е силна вашата главоболка. Ако станува таа почеста или поинтензивна, вашиот матичен лекар може да ви помогне да пронајдете посоодветен лек – вели таа.
Внимавајте да не земате лекови против болка редовно повеќе од два дена во неделата, бидејќи така ќе го намалите ризикот од повторливи главоболки.












