Денеска во Скопје се диши полесно. Маглата се крена, смогот се намали, а мерните станици во градот покажуваа умерено загадување. ПМ 10-честичките се во граничните вредности, но затоа, пак, ПМ 2,5- честичките се неколку пати над дозволените вредности. Во изминатите денови, мерните станици бележеа концентрации на ПМ 10 и на ПМ 2,5-честички, кои во одредени делови од градот беа и до три- четири пати над дозволените граници.

Меѓународните стандарди пропишуваат дневната гранична вредност на ПМ 10 да е 50 микрограми на кубен метар, а состојбата со ПМ 2,5, кои се уште поопасни честички бидејќи навлегуваат длабоко во белите дробови, е посериозна, бидејќи се поврзуваат со зголемен број респираторни и кардиоваскуларни заболувања и се директен ризик за здравјето на повозрасните лица, особено на децата, како и на хронично болните.

Студии направени изминативе години покажуваат дека во зимските месеци расте хоспитализацијата, а загадениот воздух се поврзува и со зголемена смртност и овие факти се повторуваат секоја година.

Граѓаните се револтирани што надлежните само декларативно прават напори за намалување на аерозагадувањето, а во практиката нема никаков ефект. Велат дека препораките да не се излегува од дома кога „надвор не се дише“, не го решаваат проблемот. Сметаат дека е жално за децата да бидат затворени во соба, како во времето на короната.

Што да се јаде и пие кога има голема загаденост?

Докторот Нико Беќаровски, кој е специјалист интернист, се огласи преку социјалните мрежи, со совети како да се заштити населението од екстремно штетното влијание на загадениот воздух.

– Во деновите кога се енормно високи концентрациите на ПМ 2,5 и ПМ 10-честичките, а загадениот воздух станува сериозна закана за здравјето, не може целосно да се избегне изложеноста на овие честички, но може да се ублажи нивното влијание преку секојдневни навики што го поддржуваат организмот – вели Беќаровски и препорачува денот да започне со чај од диво оригано, во комбинација со додатокот „Г-132+ натурал“.

Пред ручек, како што наведува, корисно е да се консумира зелен чај заедно со витамин Д во доза од 1.000 И.Е., додека за навечер советува чај од ѓумбир и куркума или бел слез, повторно во комбинација со „Г-132+ натурал“. Инаку, не може секој граѓанин да си ги дозволи капсулите „Г-132+ натурал“, бидејќи едно пакување со 60 капсули во аптеките чини 4.400 денари.

– Во текот на денот е важно да се внесуваат најмалку два литри млака вода со парче лимон, а кај лицата без висок крвен притисок, може да се додаде и уште една шолја зелен чај. Ако не може да се спречи, барем благовремено да се лекува. Грижата за здравјето е особено важна во периодите на екстремно аерозагадување, кога последиците од вдишувањето на штетните честички може да бидат долгорочни – порачува Беќаровски.

Проф. д-р Дејан Докиќ, пулмолог, вели дека комбинацијата на смог, густа магла и на загаден воздух претставува еден од најакутните проблеми во Македонија и предизвикува зголемен број заболени од белодробната сфера, но и на појава на инфекции. Тој вели дека се забележува пораст на белодробниот карцином во земјава, но не може да се тврди дека е тоа директна последица на долготрајната изложеност на аерозагадувањето, затоа што постојат и други фактори како пушењето.

– Граѓаните да се информираат за индексот за квалитетот на воздухот и кога е лош, да ги намалат активностите надвор, а ако мора да излезат, да носат маски Н-95, а постојат и специјализирани маски во аптеките, со филтер. Да земаат храна и додатоци со антиоксидациско средство. Пожелно е во овој период да се консумираат сите обоени овошја како малини, капини, јагоди, боровинки, калинки, цитрусно овошје, јаболка, а од зеленчук – спанаќ, црвена пиперка, морков, цвекло. Од додатоците, треба да се внесуваат во организмот  витамините Ц, Е и Д, кои помагаат во зголемувањето на имунитетот и во одбранбената отпорност на организмот – вели докторот Докиќ.

Институтот за јавно здравје апелираше граѓаните да го проверуваат индексот за квалитетот на воздухот пред да излезат, да избегнуваат активности на отворено, да носат заштитни маски и да користат прочистувачи на воздух дома или на работа.

Според процените, индиректните трошоци од аерозагадувањето се мерат во милиони евра годишно – пари што државата ги губи, а граѓаните ги плаќаат со сопственото здравје.

Препораки и протоколи за училиштата

Децата се особено ранливи на загадениот воздух, што резултира со инфекции во горните и во долните респираторни патишта. УНИЦЕФ ги поздрави препораките и протоколите за подобрување на квалитетот на воздухот во училиштата изработени од Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и со Министерството за животна средина, со поддршка од Обединетите нации. Новите насоки предвидуваат различни активности во зависност од квалитетот на воздухот. Кога е добар воздухот, училиштата треба да организираат активности на отворено и да користат природна вентилација. Кога е високо загадувањето, сите активности на отворено се преместуваат во затворен простор, прозорците и вратите се затвораат и доколку е можно, се користат прочистувачи на воздух.

Наставниците треба да ги следат учениците за симптоми како главоболка, кашлица или отежнато дишење и да ги информираат родителите ако е потребно. Во случаи на ненадејно загадување, училиштата треба да постапат проактивно за да ја намалат изложеноста.

Насоките препорачуваат: соодветна вентилација, чистење со нискотоксични средства, влажно бришење за намалување на прашината, редовно одржување на прочистувачите, зелени бариери (живи огради, растенија), ограничување на сообраќајот кај училиштата.

Светски примери во планот за почист воздух

Од советничката група во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека експерти со докажано искуство и успешни проекти зад себе ќе го прават планот за управување со квалитетот на воздухот.

– Светските примери на градовите што влегле во борба со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР-акции на денот кога е најзагаден воздухот, туку со систематски поставен план за управување со квалитетот на воздухот и со спроведување на неговите мерки – објави советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бараат мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата.

– За дел од мерките, ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее да се трошат како досега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери – објави советничката група на „Фејсбук“.

Екоактивистите бараат од државата да преземе одредени мерки за намалување на аерозагадувањето. Екоактивистите од иницијативата „Стоп за Вардариште“ бараат државата да преземе одредени чекори за да се реши проблемот со загадувањето. Сметаат дека активирањето на алармантните мерки во главниот град е обид да се ублажи ударот, но и тие имаат ограничен ефект. Оттаму се заканија дека доколку нема решение на повидок, повторно ќе излезат на протести.

 (С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ