Со гала концерт на американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, во придружба на орекестарот на Македонската филхармонија, а под диригентска палка на маестро Едвин Оутвотер вечерва на Античкиот театар беше отворено јубилејното 65-то издание на најголемата музичко сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“.

Во рамките на концертот кој се одржа под мотото „Трансформација на сетилата“ публиката имаше можност да ужива во симфониските танци од „Приказна од западната страна” на Леонард Бернштајн и „Рапсодија во сино” од Џорџ Гершвин, како и во „Пајдушко“ од Дамир Имери во блескавата изведба на Хуангчи.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, која истакна дека вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабоко хумана, не е бескрвна, туку бунтовна, не е привремена, туку безвременска…

Mинистерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, истакна дека „Охридско лето“ не е само фестивал, туку духовен завет, жива врска меѓу минатото и иднината, меѓу сјајот на Охрид како вечна духовна престолнина и неговата модерна, европска културна виталност.

Уметничката порака ја пренесе актерот Ѓорѓи Јолевски.

– Да се отвори фестивал како што е „Охридско лето“ дефинитивно е чин на пркос. Во свет каде што сè се мери – едноставно, уметноста не може, кажа Јолевски.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ