Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје располага со ново современо и уникатно возило, целосно развиено во Македонија, и дрон за гасење пожари, кои вчера беа промовирани заедно со новата генерација пожарникари.
Влатко Николовски, координатор на проектот на Бригадата, на денешната презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники“ истакна дека македонско возило е направено благодарение на 30-годишното знаење на командниот тим на скопската бригада.
-Целиот развој е направен без никаква владини, невладини фондации или фондови, за да докажеме дека Македонија може да развива мобилно и моќно возило. По него, многу брзо следува уште поголемо возило за шумски пожари кое е полесно за производство. Во исто време успеавме први во Европа и во Америка да развиеме дрон кој гаси пожари и кој многу пати досега покажал феноменални резултати – истакна Николовски.
Тој додаде дека возилото е економично и едноставно за одржување и дека секое следно ќе биде уште подобро.
-Овој мал „балкански рис“ функционира во првите 30 секунди од пристигнувањето на местото на пожарот – нагласи Николовски.
За возилото рече дека може веднаш да се стави во употреба додека во однос на дронот тој посочи дека ваков дрон има само нашата земја и дека генерално е подготвен за употреба.
Додаде дека моќта на дронот е што може да интервенира за неполни 20 секунди.
Командантот на противпожарна бригада, Ѕвонко Томевски, на вчерашната презентација на проектот „Гасење пожари со употреба на современи техники“ му посака добредојде на новиот тим пожарникари. Информира дека единицата моментално брои 203 вработени, додека по систематизација во рамки на новиот попис се предвидени 404 вработени.