Се зголемува возниот парк во градскиот превоз. Од понеделник 55 и уште 20 автобуси до Нова година од страна на приватните превозници ќе го зголемат бројот на автобуси со цел да се намалат гужвите. Со превозниците вчера беа потпишани лиценците за работа. Во ребалансот на буџетот на Град Скопје ќе влезе и БРТ системот.
-Доколку навистина сакаме да го решиме сообраќајниот хаос во главниот град, мора да се понуди комбинација од различни транспортни решенија што ќе им помогнат на граѓаните во секојдневното движење. За многу скоро време, нашите сограѓани ќе добијат ефикасен и ефективен јавен транспорт каков што заслужуваат – изјави новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и најави нови 80 автобуси за ЈСП „Скопје“ до март наредната година

Се зголемува возниот парк во градскиот превоз. Од понеделник 55 и уште 20 автобуси до Нова година од страна на приватните превозници ќе го зголемат бројот на автобуси со цел да се намалат гужвите. Педесет и петте автобуси вечра беа поредени на платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски одржа прес-конференција.
– На мое големо задоволство, остварив средба со приватните превозници. Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа откако ја преземав функцијата градоначалник на градот Скопје, успеавме да постигнеме договор кој значи конкретен чекор напред, а тоа е дека веќе од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици. Овој потег претставува сериозен исчекор кон подобрување и стабилизирање на градскиот транспорт – рече Ѓорѓиевски.
Тој најави дека до март, следната година Град Скопје во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт, ќе обезбеди уште 80 нови автобуси. Ѓорѓиевски најави и нов пакет мерки за подобрување на јавниот градски превоз, по состојбата со нефункционалните линии и гужвите низ градот.
-Приватните автобуси дополнително ќе го олеснат транспортот на нашите сограѓани. Во ребалансот ќе влезе и БРТ системот. Доколку навистина сакаме да го решиме сообраќајниот хаос во главниот град, мора да се понуди комбинација од различни транспортни решенија што ќе им помогнат на граѓаните во секојдневното движење. За многу скоро време, нашите сограѓани ќе добијат ефикасен и ефективен јавен транспорт каков што заслужуваат – изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека со претставниците на приватните превозници се потпишани лиценците за работа.
– На овие лица некој од за мене неразбирливи причини не им ги потпишуваше лиценците со месеци наназад. Апсолутно со тоа се правеше опструкција на граѓаните да имаат нормализиран транспорт. Дополнително проблемите кои се однесуваа на неплаќањето кон нив ќе бидат регулирани наредната година откако ќе направиме промена во менаџментот во ЈСП Скопје – рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека наредната недела ќе има уште еден состанок со превозниците на кој ќе се договори рокот во кој ќе бидат редовно исплаќани за нивните услуги кон граѓаните, а ќе се договори и возниот ред.
Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници рече дека имаат еколошки автобуси, а се надева дека ќе се смени и возниот ред, за автобусите да пристигнуваат на време, како што пишува на таблите. Тој ветува еколошки, чисти и климатизирани автобуси. Превозниците истакнаа дека моменталниот долг што Град Скопје и ЈСП го имаат кон нив изнесува околу 180 милиони денари.
Ѓорѓиевски посочи дека заедно со градскиот воз кој веќе ја започна првата фаза на реализација и со проектот БРТ, Град Скопје започнува циклус на трајно решавање на сообраќајниот хаос кој со години го оптоварува нашиот град.
(С.Бл.)












