Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави историска трансформација на Скопје преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучната инфраструктура. Оваа визија, според него, предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем – од општините до граѓаните. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека преку реализацијата на активностите од проектот „Европска престолнина на културата“, Скопје ќе се трансформира во еден урбан град и ќе му се врати идентитетот
Проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ продолжува. Номинацијата на македонскиот главен град од страна на Европската комисија му беше доделена во септември 2023 година и оттогаш почна да тече периодот за подготовки за негова културна трансформација. Иако беше помпезно најавувана агендата со случувања што треба да се направат од страна на ексградоначалничката Данела Арсовска, во изминативе две години имаше застој.
Европската комисија, во првиот мониторинг извештај објавен кон крајот на 2024 година, нотираше дека Градот Скопје не направил значителен напредок во исполнувањето на директивите наведени од Европската комисија и изрази значајна загриженост дека извештајот поднесен од градските власти не се придржува до деталните упатства дадени од неа. Тогаш, граѓани и културни работници на Скопје поведоа иницијатива за потпишување петиција за одземање на правото на Арсовска за организација и реализација на „Скопје – Европски град за 2028 година“.
Со цел да се деблокира процесот, новиот скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, им министрите за надворешни работи и за култура и туризам, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, на средбата во Брисел го уверија еврокомесарот Глен Микалеф за подготвеноста на градот да влезе во нова ера на европски стандарди и трансформација.
Градоначалникот најави историска трансформација на Скопје преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучната инфраструктура. Оваа визија, според него, предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем – од општините до граѓаните.
– Ги претставивме нашата јасна позиција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И можам со гордост да кажам дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година. Како нов градоначалник, ја отворам најважната страница за нашиот град, започнуваме историска трансформација – изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека проектот бил целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но нагласи оти со сериозна работа во изминатиот период, процесот е деблокиран и насочен кон транспарентно, професионално и законско функционирање.
– Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена – наведе Ѓорѓиевски.
Како што нагласи, 2028 година е година кога Скопје, конечно, ќе стане јасно присутно на европската и на светската културна мапа.
– Поставуваме европски стандарди со силна и независна управувачка структура, меѓународен советодавен борд и професионален тим што ќе го реализира проектот како што прилега. Почнуваме и со клучните инфраструктурни промени како што се скопското Кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, новиот Европски центар за култура, зелените магистрали, новите паркови и современите јавни простори – инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот. Паралелно, го склучуваме и итниот договор за локална соработка и интеграција, прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува десетте општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО-секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе. Скопје станува еден заеднички систем, една енергија и една визија. Влегуваме храбро. Работиме чесно. Работиме за сите, Скопје, нашата нова европска приказна, започнува сега – нагласи Ѓорѓиевски.
Министерот за култура, Зоран Љутков, истакна дека преку реализација на активностите од проектот „Европска престолнина на културата“, Скопје ќе се трансформира во еден урбан град и ќе му се врати идентитетот.
– Процесот околу „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ две години беше закочен во лавиринтите на Град Скопје и јас, по стапувањето на функцијата министер за култура и туризам, презедов голем дел од работите. Се формира главното тело од 13 луѓе, што направи значаен исчекор и главната задача беше да ја увериме Европската комисија дека, всушност, сега и со новиот градоначалник сме силно посветени на тој процес – рече Љутков.
Тој додаде дека за проектот се обезбедени средства и од Владата и од Град Скопје и дека сè е подготвено да продолжи процесот во наредните две години.
– Во наредниот период, ќе мора многу брзо да работиме за да ги исполниме сите ветувања што сме ги дале. Силно верувам дека ќе ни се врати поддршката и ќе ги информираме во Европската комисија за сите процеси што ни се случуваат. Се надевам дека во 2028 година Скопје ќе си го врати идентитетот што го имало во минатото – додаде Љутков.
Кандидатурата за Европска престолнина на културата 2028 ја поднесе поранешниот градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, а Арсовска ја доби номинацијата. Од СДСМ вчера реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ признала оти проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ е заглавен, но дека е заглавен токму од оние што го кажуваат тоа.
Според СДСМ, Скопје е престолнина на кичот и не сметаат дека држат обвинувањата оти „СДСМ не го одржува скапо платениот стиропор од ‘Скопје 2024’“.
– Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клинети“, туку е европски процес што треба да го води целата културна фела, како уметници, институции, независна сцена, академска заедница – велат од СДСМ.
Оттаму сметаат дека Скопје ќе биде Европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореноста, транспарентноста, професионалноста и вистинската поддршка на уметниците.
(А. П.)












