На двата повика на Министерството за локална самоуправа од општините пристигнале околу 1.200 апликации, а одобрени се 829 инфраструктурни и други проекти во вредност од 13.868.138.877 денари (225,5 милиони евра).

– Овој исклучително голем одзив претставува јасен показател за високата заинтересираност на општините за инвестициски проекти и потврда дека одлуката на Владата за спроведување на оваа мерка е навремена, стратешки исправна и одговара на реалните потреби на општините, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински

 

На општините им е потребен енергетски поттик за да заживее локалната економија и да се подобри квалитетот на инфраструктурата, покажала проценката на терен на Министерството за локална самоуправа. Министерот Златко Перински вели дека државата преку повеќе програми обезбедува средства за општините за реализација на мноштво проекти кои ќе го унапредат квалитетот на живот на сите граѓани.

Така, на двата повика што ги распиша ова министерство за распределба на средства од унгарскиот кредит, Перински вели дека преку Потпрограмата АА за инфраструктурни проекти на располагање се ставени 20 милијарди денари, а од општините пристигнале околу 1.200 апликации.

– Во рамки на првиот јавен повик за 2024 година за финансирање се одобрени 288 проекти од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика. На вториот јавен повик кој заврши на 30 април годинава, пристигнаа 887 проектни апликации од 80 општини, за кои заврши фазата на евалуација. Притоа, одобрени за финансирање се вкупно 829 проекти во вредност од 13.868.138.877 денари (225,5 милиони евра). Овој исклучително голем одзив претставува јасен показател за високата заинтересираност на општините за инвестициски проекти и потврда дека одлуката на Владата за спроведување на оваа мерка е навремена, стратешки исправна и одговара на реалните потреби на општините – истакна Перински.

Понатаму,  преку Програмата за рамномерен регионален развој, во 2024 и 2025 година беа одобрени за финансирање 176 проекти насочени кон унапредување на развојот на планските региони, селата и урбаните подрачја, како и подрачјата со специфични развојни потреби.

Преку Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година, се поддржани за финансирање 38 проекти во вкупна вредност од 87.925.000 денари.

– Во партнерство со Швајцарската агенција за развој и соработка, завршија со имплементација 10 регионални проекти во сите плански региони. Преку активностите на дел од овие проекти ја реконструиравме специјализираната болница за нефрологија во Струга, опремивме современ центар за физикална терапија во болницата Св.Еразмо, имплементиравме проект за заштита и превенција од пожари во микрорегионот, Општини Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце и би го споменал и проектот Реконструкција и адаптација на Дом за стари лица, Берово – истакна Перински.

Како дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, се реализираат активности во координација со Министерството за дигитална трансформација, со цел развој на целосен „патоказ“ за дигитализација на локалните услуги и изработка на каталог на Е-услуги за вклучување во националниот портал услуги.гов.мк.

Министерството за локална самоуправа во соработка со општините имплементира проекти финансирани од страна на  Делегацијата на ЕУ со цел да придонесе за локален економски и социјален развој. Осумте проекти се во завршна фаза на имплементација, со вкупна вредност од 336.762.274 денари.

Дел од проектите од оваа програма се: Иновативни дигитални општински решенија во општина Тетово, Чист Аеродром – Нула цврст отпад во Општина Аеродром,  Општина Охрид станува зелена, паметна, иновативна и Струмица – Паметен велосипедски град.

Министерството го финализираше текстот на Закон за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа, преку отворена и транспарентна постапка.  Предложените измени се во согласност со европските стандарди и се базираат на Извештајот на Венецијанската комисија од 2019 година, особено во делот на локалната демократија преку можност за отповикување на градоначалник.

Министерството работи активно и на формирање Ресурсен центар за поддршка на општините. Изготвена е физибилити студија, а фокусот е ставен на зајакнување на општинските административни капацитети, поддршка во проектен менаџмент и забрзување на дигиталната трансформација. Концептот за Ресурсен центар е усвоен од страна на Владата и се предвидени 5.000.000 денари во Програмата за децентрализација од буџетот на Министерството.

Во рамки на претпристапниот финансиски инструмент ИПА, Министерството за локална самоуправа го координира процесот на програмирање и имплементација на Програмите за прекугранична соработка со земјите соседи.

Преку ИПА 3-инструментот за прекугранична соработка, се постигнуваат значајни резултати кои имаат директно влијание во поддршка на одржлив развој и зајакнување на добрососедските односи. Активни се програмите со пет соседни земји, Република Грција, Република Бугарија, Република Србија, Република Албанија и Косово. Особено би ги издвоил двата проекти кои имаат стратешко значење:

Изградбата на граничниот премин Клепало (Берово – Струмјани) – проект кој ќе придонесе кон економски развој на источниот регион преку олеснета трговија и туризам и воспоставувањето на граничниот премин Маркова Нога (Преспа) – иницијатива што ќе ја подобри комуникацијата со Република Грција, ќе го поттикне туризмот и ќе го олесни пристапот на локалното население од Преспанскиот Регион.

На Општина Дебар ѝ се одобрени 22 проекти вредни околу 2 милиони евра

На вториот повик за добивање средства од унгарскиот кредит, на Општина Дебар  ѝ се одобрени 2.080.000 евра за реализација на 22 инфраструктурни проекти. Градоначалникот Хекуран Дука е задоволен од обезбедените средства кои ќе можат да се реализираат на инфраструктурни проекти, кои значително ќе го подобрат квалитетот на живот во градските и руралните населби на Општината.

Се предвидува реконструкција на повеќе улици во градот, изградба на локален пат во село Долно Косоврасти, пат за село Бомово, реконструкција и доизградба на патни правци кон неколку села, изградба на канализациска мрежа во населбата „Венец два“, проширување на водоводната мрежа во градот.

– Со предвидената динамика се одвиваат работите на неколку значајни инфраструктурни проекти, со средства од првиот повик на Министерството за локална самоуправа, за средства од унгарскиот кредит, но и со кофинансирање од страна на општината – истакна Дука.

Тој посочи дека во изминатите години целосно се реконструирани повеќе улици во градот, обновена е водоводната мрежа, изградени се улици во селата, потоа, резервоари за вода, водоводна мрежа, паркин-простори.

(С.Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ