Снимањето на петтата сезона од хит серијата на „Нетфликс“ „Емили во Париз“ е прекинато по смртта на помошник-режисер во Венеција, само неколку дена пред да заврши снимањето, објави дпа, пренесе „Хина“.
Италијанецот, 47, се онесвестил на снимање во хотел во Венеција, потврдија градските власти во петокот. Властите се сомневаат дека доживеал срцев удар.
Сè уште не е познато колку долго ќе биде одложено снимањето.
Иако „Емили во Париз“ се одвива во француската престолнина, некои епизоди од новата сезона се снимаат во Италија, вклучувајќи ги Рим и Венеција. Снимањето во Венеција првично беше закажано да трае до понеделник, по претходното снимање во Рим во мај.
„Нетфликс“ соопшти дека петтата сезона ќе има премиера непосредно пред Божиќ.
Според извештаите на италијанските медиуми, помошникот-режисер починал додека снимал една од последните сцени во еден од најпознатите хотели во градот, Даниели.
Според извештаите, починатиот бил роден во Венеција и работел во меѓународната филмска индустрија многу години. Градскиот совет изрази сочувство до неговото семејство.