Жителите на Скопје утринава имаа можност да бидат сведоци на ретка глетка во октомвр: снежна покривка на Водно. Половина од планината беше покриена со снег, што е резултат на ниските температури што владеат последниве денови.
Првите траги од снег над градот беа регистрирани и од камерите поставени од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП). На видеата можеше да се забележи снежна покривка на врвот од планината, проследена со магла.
Утринава, исто така, можеше да се забележи снег и на Скопска Црна Гора.
Слична слика беше забележана и во Тетово, каде што утринава жителите можеа да го видат првиот снег.
На јутјуб-каналот на Здружението за промоција на македонските ски-центри, „Ски Македонија“, во живо се емитуваше снежното утро на Попова Шапка. Сепак, денеска една „снежна“ фотографија од Попова Шапка изненади многумина.
Имено, станува збор за фотографија објавена од „Ски Македонија“ од Попова Шапка, на која јасно може да се забележи како метрото покажува 30 сантиметри паднат снег.
Студениот бран што завчера ја зафати земјата донесе снег и во Маврово, каде што временските услови предизвикаа прекини и ограничување во сообраќајот.
Поради снежни врнежи и паднати дрвја на коловозот, во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Никфорово – Леуново – Бунец.
Инаку, висината на снежната покривка во Попова Шапка денеска изнесуваше 26 сантиметри, 16 сантиметри во Лазарополе, 12 во Маврови Анови, шест во Ѓуриште и три сантиметри во Дебар.
Од АМСМ информираа дека надлежните екипи се на терен и работат на расчистување.
– Забрана за сообраќај на тешки товарни возила е воведена на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража. И покрај овие локализирани прекини, сообраќајот на државните патишта во другиот дел од земјата се одвива непречено, по влажни коловози – соопштија од АМСМ.
Од Управата за хидрометеоролошки работи, пак, велат дека во деновите од викендов времето ќе биде стабилно, со ниски утрински температури, кои наместа се очекува да се спуштат под нула степени. Утре кон крајот на денот и в понеделник ќе има повремени локални врнежи од дожд. До среда ќе дува умерен до засилен северен ветер.
(А. П.)