Во Македонија падна првиот снег, а од утрово бела покривка веќе има на падините на Шар планина и скијачкиот центар Попова Шапка, во Маврово, но и на превојот Стража и во Лазарополе.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде портокалов метеоаларм поради очекувани обилни врнежи од дожд и снег.
Под влијание на циклонска активност и на многу ладна воздушна маса која од исток и од североисток, односно од Русија која се спушта кон нашиот дел од Европскиот Континент, до крајот на денов како и утре (петок 3 октомври) времето во Македонија ќе биде облачно и невообичаено ладно за самиот почеток на месец октомври со врнежи од дожд кои во најголем дел ќе бидат обилни и ќе наврнат над 30 литри дожд на метар квадратен, локално и над 60 литри дожд на метар квадратен. Ќе дува повремено засилен ветер од северен правец, пишува Метеоаларм во временската прогноза.
На повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег и на планините ќе се формира првата сериозна снежна покривка за оваа сезона (над 50/60 сантиметри снег). Поради заладувањето понатаму повремени врнежи од снег ќе има и во дел од повисоките градови во западните и во северните предели од Македонија.
Во Скопје и околината во погоре споменатиот период исто така ќе биде невообичаено ладно за самиот почеток на месец октомври а ќе дува и повремено засилен ветер од северен правец. Времето ќе биде облачно со пообилни врнежи од дожд а на околните планини и повисоки места од Скопје ќе има врнежи од снег. Во Скопскиот регион очекувам локално да наврнат над 30/40 литри дожд на метар квадратен а на околните планини ќе се формира снежна покривка.
Што се однесува до температурите тие денес ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени а утре (петок 3 октомври) ќе биде уште поладно со максимални дневни температури кои ќе се искачуваат во интервалот само од 0 до 9 степени. На планинските и високите места температурите ќе бидат под нулата и ќе има појава на мраз.